
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) објави дека трговските бродови почнале да се движат низ Ормуската Теснина, а платформата „Морски сообраќај“ наведе дека бродовите уште се во мореузот.
Трамп тврди дека бродовите се движат по „јужниот автопат“, кој, според него, е целосно безбеден и заштитен.
Неговата објава е пред најавеното потпишување меморандум за разбирање помеѓу Техеран и Вашингтон, што е предвидено да се одржи в петок во Швајцарија. Документот предвидува целосно отворање на Теснината, деблокирање на иранските пристаништа и укинување на санкциите за иранската нафта заедно со истовремено прекинување на сите воени активности во регионот.
Но, според најновите сателитски податоци од специјализираната платформа „Морски сообраќај“ (MarineTraffic), 500 големи комерцијални бродови или стојат или бавно маневрираат во оваа област чекајќи го петок со најавеното историско отворање на овој морски премин.
Податоците од системот за следење бродови покажуваат дека во областа се наоѓаат повеќе од 230 големи танкери, над 250 товарни брода и голем број помали бродови.
Дури 70 проценти од мапираните танкери во моментот се целосно стационарни и закотвени на стратешки позиции. Многу од нив се групирани во близина на главните терминали за извоз на нафта во Саудиска Арабија, Ирак и Обединетите Арапски Емирати, каде што поминаа голем дел од изминатиот месец поради војната. Експертите забележуваат дека вистинскиот број на бродови во регионот е веројатно многу поголем бидејќи многу трговски бродови сè уште не ги емитуваат своите локации на јавните системи од безбедносни причини.

Македонски



