Skip to main content

Заеднички патроли на грчки и српски полицајци летово на Закинтос и на Халкидики

Билатералната соработка во борбата против организираниот криминал, како и заедничките патроли на српски и грчки полицајци во Србија и Грција, биле во фокусот на средбата на министрите надлежни за полицијата на двете земји – министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за цивилна заштита на Грција соопштија дека на средбата било нагласено дека во рамките на соработката српски полицајци ќе престојуваат во Грција во летните месеци и ќе патролираат заедно со грчките колеги во туристичките региони што најмногу ги посетуваат српски туристи, како Халкидик и Закинтос, а грчки полицајци ќе престојуваат во Србија.

Заедничките патроли на туристичките места во двете земји се по потпишаниот соодветен договор меѓу Србија и Грција на почетокот на октомври 2022 години, што минатиот месец беше ратификуван во грчкиот парламент.

Хрисохоидис и Дачиќ на средбата во Атина ја истакнале и ја потврдиле тесната билатерална соработка во борбата против организираниот криминал и безбедноста на границите, а акцентот бил ставен на борбата против мрежите за трговија со луѓе, шверцот, трговијата со дрога, управувањето со мигрантските бранови, како и унапредувањето на соработката и размената на експертиза и информации меѓу службите на двете земји.

Грчкиот министер истакнал дека долгогодишните пријателски врски меѓу двете земји „претставуваат стабилна основа за дополнително зајакнување на билатералната соработка, со заедничка цел – безбедноста на граѓаните и стабилноста во регионот, кој секојдневно се соочува со многубројни предизвици“.

Добрата соработка меѓу службите на Грција и Србија, особено во заедничката борба против организираниот криминал и одржувањето на јавниот ред, ја истакнал и српскиот министер за внатрешни работи, кој предложил во овие канали на соработка, заеднички активности и комуникација да се вклучат и други земји, а паралелно ги поканил грчкиот министер и началникот на грчката полиција да учествуваат на конференција во Белград за зајакнување на безбедноста на Балканот, предлог што бил прифатен од домаќините.

Дополнително, Дачиќ побарал поедноставување на контролите за српските туристи што ја посетуваат Грција, особено во летниот период, а го иницирал и прашањето за управување со сообраќајните прекршоци што ги прават српски државјани за време на нивниот престој, прашање што, како што рекол Хрисохоидис, ќе го разгледаат надлежните служби.

Двајцата министри се согласија и за итна средба на надлежните служби за борба против организираниот криминал како за продлабочување на соработката така и за подобра размена на информации за поголема ефикасност во нивната работа. Двете страни ја истакнаа и потребата од насочени заеднички акции против шверцот со оружје, со оглед на тоа што криминалните мрежи би можеле да профитираат од евентуалниот крај на војната во Украина – соопштија од Министерството за заштита на граѓаните на Грција за средбата Хрисохоидис – Дачиќ.

Поврзани вести