Skip to main content

Судот го одби барањето за укинување на притворот на обвинетите Васев и Нухи во „Онкологија 2“

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд – Скопје денеска го одби предлогот на одбраната за укинување на притворот на обвинетите Нино Васев и Нехад Нухи во предметот „Онкологија 2“ иако беа понудени имотни гаранции во вредност од над 350.000 евра. Судот оцени дека не се промениле околностите за применување поблаги мерки, а истовремено појасни дека нема надлежност да одлучува за гаранција во оваа фаза од постапката. На истото рочиште беше сослушан и претставник од Државниот завод за ревизија, кој детаљно ја образложи ревизијата на Клиниката за радиотерапија и онкологија за 2021 година посочувајќи слабости, неправилности и неусогласености со законските прописи и одговараше на серија прашања од Обвинителството, одбраната и самите обвинети.

Во образложението за одбиениот предлог за укинување на мерката притвор судијката Славица Наумова-Јосифовска на денешното рочиште наведе дека не се измениле околностите во постапката за да може да се применат поблаги мерки.

Не се прифаќа предлогот на одбраната во оваа фаза од постапката да биде укината мерката притвор и заменета со куќен притвор со оглед дека нема променети околности што укажуваат дека истата цел поради која била определена мерката притвор може да се постигне и со поблага мерка, односно смета дека сѐ уште опстојуваат причините поради кои мерката притвор е определена, а потоа продолжена само во согласност со член 165, став 1 точка 1 од ЗКП во однос на двајцата обвинети дотолку повеќе што кривичниот совет на судот на секои 30 дена ја испитува потребата од негово продолжување – рече судијката.

Во однос на понудената имотна гаранција, судот појасни дека нема надлежност да одлучува за гаранција во оваа фаза од процесот.

Во согласност со одредбата од член 154 од ЗКП, надлежноста за носење решение на гаранција по потврдување на обвинителниот акт е на советот од член 25 став 5 од ЗКП, па оттука судечкиот совет нема овластување во согласност со ЗКП за носење решение за гаранција во текот на постапката, меѓутоа странките не го губат правото ваков предлог повторно да изнесат пред судечкиот совет – дополни таа.

ЈО претходно се произнесе негативно на ова барање.

На денешното судење сведочеше претставник од Државниот завод за ревизија, кој на прашања од Обвинителството детаљно објасни како и зошто била извршена ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година и посочи на слабости и неусогласености со законските прописи.

Тој одговараше и на вкрстените прашања од одбраната и на прашањата на обвинетите Нино Васев и Нехат Нухи, кои се однесуваа на улогите, надлежностите и практиките во работењето на клиниката.

На прашањето од одбраната дали му е познато дека за лековите што се набавувале на реверс постоело барање за предвремена испорака, сведокот изјави „Не сме зазеле став во делот на комуникацијата помеѓу Клиниката и економските оператори во делот на овие барања за предвремена испорака“.

Во однос на тоа дека во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, прашан дали му е познато дека д-р Васев и Нухи ја наследиле праксата што важела долг временски период претходно, сведокот одговори дека го анализирале само периодот кога тие биле на функција.

Одговори позитивно на прашањата дали ги познава организациската структура на Клиниката и овластувањата на Управниот одбор.

Прашан дали му е познато дека Управниот одбор ги донесувал завршната сметка и другите финансиски извештаи, одговори дека „завршната сметка е доставена и потпишана од страна на директорите на Клиниката“.

Од она што нам ни е познато во 2021 година, Управниот одбор на Клиниката ги усвојува финансиските извештаи за работењето на Клиниката, кои на УО му се доставени од страна на директорите на Клиниката. Завршната сметка на Клиниката до Државниот завод за ревизија како законска обврска е доставена и потпишана од страна на директорите на Клиниката – рече сведокот.

За јавните набавки рече дека ДЗР го ревидирал „целокупниот процес“ и дека „немаме забелешки за годишниот план за јавни набавки, не сме напишале наод и не сме дале препорака“.

Кога му беше посочено дека ДЗР во извештајот не навел конкретен закон што ја забранува набавката на лекови на реверс, тој објасни: „Во согласност со Законот за јавните набавки, без да биде спроведена постапка, забранета е набавка на какви било стоки, работи или услуги“, дополнувајќи дека ДЗР се повикува на „член 5, начелото на конкуренција“.

Кога беше прашан дали му е познато дека практиката да се набавуваат лекови на овој начин била одамна воспоставена и дека ДЗР веќе има препорака во однос на ова, сведокот рече: „Таа препорака и во моментот на вршењето на ревизијата не беше спроведена“.

На прашање на обвинетиот Никола Васев во врска со тоа „при смалување на количината на лекот кога ќе дојде на нула, ние не можеме да ја користиме законската можност за 20 проценти зголемување на количината на лекот бидејќи ние не сме ја направиле набавката, туку Министерството за здравство, дали ви е ова познато“, сведокот одговори „20 проценти регулирани со Законот за јавните набавки, член 119, кој ги регулира измените и дополнувањата на договорите“, на што Васев дополни дека тие не можеле да ја користат таа можност бидејќи не го распишувале тендерот, туку Министерството за здравство.

Во делот за медицинските протоколи, Васев праша дали е познато дека само докторите одлучуваат на кој пациент му следува биолошка терапија, на што сведокот одговори: „Познато ни е, токму тоа е наведено во извештајот – доктор одлучува, директор одобрува“.

Во однос на тоа дека не се донесени медицински протоколи и дека тие не зависат од УКРО, туку од Министерството за здравство, и дека работат во 11 посебни единици на Онкологија со свои шефови на оддел, каде што има и професори и доценти, кои, како што рече Васев „сигурно јас нема да се мешам како и кому тие ќе му ги даваат терапија“, сведокот одговори „никаде во извештајот немаме на едно дека медицинскиот директор се мешал во медицинските одлуки“.

Кога Васев праша за зголемениот буџет за 2023 година, сведокот појасни дека ДЗР го зел предвид тоа дека „во соработка со Фондот обезбеден е повисок износ на одобрен условен надоместок, со кој се очекува намалување на преземените обврски, како и набавка на биолошка терапија во поголеми количини“.

Обвинетиот Нехат Нухи праша дали Министерството реализирало набавка без согласност од Фондот, но Обвинителството стави приговор за претпоставка и прашањето не беше дозволено.

Нухи побара информација дали ДЗР констатирал поднесени барања за зголемување на условениот надоместок, а сведокот објасни „од страна на Клиниката во 2021 година до Фондот се доставени барања во два наврата, и тоа во јануари 2021 година доставено е барање на износ од 1 милијарда 503 милиони и 408 илјади денари и во јули 2021 година во износ од 797.568 илјади денари. Фондот, по разгледување на барањата, одобрил буџет за условен надоместок во износ од 481.589 илјади денари, ова е истакнато како фактичка состојба и не сме се произнеле, ниту сме можеле да знаеме зошто Фондот не ги одобрил барањата на Клиниката во целост“.

На крајот, на дополнително прашање од Обвинителството, сведокот сумира: „ДЗР има изразено неповолно мислење по однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“.

Судењето продолжува на 3 март со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.

Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Поврзани вести