Skip to main content

Комеморација за професорот Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

Комеморацијата во спомен на доајенот на современата македонска ликовна уметност, професорот Родољуб Анастасов, ќе се одржи на 20-ти април 2026 година (понеделник) со почеток во 12.00 часот во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов” во Музејот на град Скопје. На комеморацијата, колегите, пријателите, семејството и почитувачите на неговото творештво ќе му оддадат почит на професор Анастасов, еден од најзначајните македонски сликари и еден од првите претставници на енформелот во македонската ликовна уметност.

Родољуб Анастасов е роден на 25-ти февруари 1935 година во Скопје, завршил Училиште за применета уметност во Скопје во 1954 година, во 1955 станува вонреден студент на Вишата педагошка школа во Скопје – ликовен отсек а во  1962 година дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Од 1963 до 1965 година бил на робија на Голи Оток. Бил член на меѓународната група “Јуниј”. Добитник е на бројни награди и признанија. За неговото богато творештво издадени се неколку монографии и каталози.

Анастасов беше професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во пензија. Почина на 4-ти април 2026  година во Скопје.

Во 2011 година Анастасов му отстапи во трајна сопственост на Музејот на град Скопје околу 400-ина исклучително значајни ликовни дела од својот богат креативен опус, со што се оформи збирката на Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов”, сместена во Музејот на град Скопје.

Збирката ја сочинуваат дела кои припаѓаат на различни ликовни циклуси и стилски определби и кои потекнуваат од временскиот период од 1957 до 2010 год. Тоа се главно акварели и цртежи од првата половина на педесеттите години од минатиот век, помал број графики работени неколку години подоцна, потоа вечерните актови кои Анастасов ги работел во првите години од студиите во Белград, значајната серија цртежи од периодот 1957 – 1965 год., подоцна именувани како “Енформелска лабораторија”, слики од периодот на енформелот и натамошните фази и циклуси – “Вибрации”, “Прошетка низ просторот поради причина”, потоа исклучителната серија дела “Во потрага по изгубениот простор”, па “Вертикали на едно постоење”, “Бранување”, “Вклештување”, “Спектар на светлосниот извор”, по кои се надоврзуваат “Небо и човек” и “Човек и време” од 1975-1981 во кои веќе се најавува и чувствува структурата на неговиот најобемен циклус, “Човек и простор”, на кој авторот му е посветен цели три децении, односно од 1978 до 2008год.

Најголем дел од збирката на Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов” припаѓа на серијата цртежи врзана за циклусот “Енформелска лабораторија”. По техника на изведба тоа се цртежи на хартија работени во периодот 1957-1960/61 а на неа се приклучуваат цртежи создадени во годините по нив, формирани во логиката на енформелот, како и одреден број цртежи кои Анастасов ги создал за време на робијата на злогласниот Голи оток. Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов” со организирање на годишни изложби на дела од својата колекција, циклично и континуирано го презентира севкупното творештво на авторот Родољуб Анастасов кое претставува трајно и вредно наследство во ризницата на современото македонско сликарство

Поврзани вести