
Во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во рамки на Музејот на град Скопје денеска се одржа комеморација во спомен на доајенот на современата македонска ликовна уметност, професорот Родољуб Анастасов кој почина на 5 април на 91-годишна возраст.
За Родољуб Анастасов може многу да се зборува. Јас ќе бидам краток. Ќе кажам само дека ми претставува особена чест што имав можност да се запознаам со професорот, да го посетам неколку пати со пријатели, официјално од страна на Музејот на Град Скопје, а и неофицијално во неговото ателје, и секако и овде во Музејот на многубројни изложби во текот на овие минати години. И сум многу благодарен и среќен што ја имав таа чест. Родољуб беше еден многу непосреден пријатен човек, и покрај фактот што беше навистина во години, беше секогаш апсолутно присутен не само физички, туку и со духот и секогаш отворен, непосреден, искрен и многу пријателски расположен и секогаш со насмевка. И како таков ќе го паметам јас, а се надевам секако и сите ние, кажа на комеморацијата директорт на Музејот на Град Скопје Панче Велков.
Деканката на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ), проф. м-р Слобданка Стевческа кажа дека како ликовен педагог, автор и високо почитувана личност меѓу своите современици, Анастасов остави силен белег и неизбришлива трага, вградувајќи ја својата моќна и силна авторска фигура во фундаментите на градењето на македонската современа ликовна уметност, преку неговата дејност на ФЛУ.
Денес, на овој ден на збогување со ликот и делото на професорот Родољуб Анастасов, ФЛУ ја пренесува својата тага и жалост за неговото заминување. Тоа незаминување од кое нема враќање, туку патување во кое сите ние, генерациите потоа, студентите и колегите, патуваме со неговите дела во бесконечноста и незаборавот. Изучувајќи ја уметноста од големите мајстори на модернизмот — Личеноски, Пандилов, Мартиноски — редок и автентичен меѓу првата генерација професори на ФЛУ од неговото основање во 1980-та па сè до 2005-та година, тој и неговата генерација реномирани професорски имиња ги антиципираат високите стремежи на современото сликарство во тогашниот поширок југословенски простор, настојувајќи на рамноправно вреднување и афирмација на ликовните вредности на нашата сцена. Во годините кога на југословенската уметничка сцена се формира силна и критичка мисла за афирмација на апстракцијата, спроти идеолошките лавиринти и догматските идеи и настојувања за фигуративното и описно сликарство, Анастасов смело застанува на страната на прогресивното промислување на уметноста. Не само вербално, туку искажувајќи директен ликовен став и авторско стојалиште, зад кое стои неколеблива интелектуална фигура, кажа на комеморацијата Стевческа.
Анита Бошкова Дуковска од Музејот на Град Скопје, којашто е одговорен кустос во Галеријата Јустинијан – Родољуб Анастасов на комеморацијата кажа дека тој бил најмаркантна и најавтентична појава на нашата ликовна сцена.
Беспрекорно минуциозен, посветен до перфекционизам во своето сликарство, секогаш спремен за длабоки филозофски вдахновени разговори. И со неверојатна луцидност и носталгија зборуваше за времето поминато како професор на ФЛУ, за своите студенти, својата сопруга Евскина, своите пријатели, семејство и општо – уметноста како голема животна пасија. Неговата главна преокупација беа феномените на просторот и времето, и тој со филозофска продлабоченост ја пренесуваше драматиката на преживување, динамиката на животот, неизвесноста, но секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри. Велат дека двапати се умира – втората смрт е заборавот. Музејот на град Скопје ќе продолжи да го чува и негува споменот за Анастасов и во децениите кои следат, а неговата галерија на којашто беше посебно горд, ќе остане жив храм и чувар на неговото творештво за генерациите кои доаѓаат, кажа Бошкова Дуковска.
Родољуб Анастасов е роден на 25 февруари 1935 година во Скопје. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје во 1954 година, а во 1955 година станал вонреден студент на Вишата педагошка школа во Скопје, на ликовниот отсек. Во 1962 година дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Во периодот од 1963 до 1965 година бил на робија на Голи Оток. Бил член на меѓународната уметничка група „Јуниј“ и добитник на бројни награди и признанија, а за неговото богато творештво се издадени повеќе монографии и каталози.
Анастасов беше професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде ја оствари својата професорска кариера, а почина на 4 април 2026 година во Скопје.
Во 2011 година Анастасов му отстапи во трајна сопственост на Музејот на град Скопје околу 400 исклучително значајни ликовни дела од својот богат опус, со што беше формирана збирката на Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“. Збирката опфаќа дела од различни ликовни циклуси и стилски определби, создадени во периодот од 1957 до 2010 година.
Во неа се вклучени рани акварели и цртежи од петтата деценија на минатиот век, графики, вечерни актови од студентските години во Белград, значајната серија цртежи од периодот 1957–1965, подоцна наречена „Енформелска лабораторија“, како и слики и серии од енформелската фаза и понатамошните циклуси: „Вибрации“, „Прошетка низ просторот поради причина“, „Во потрага по изгубениот простор“, „Вертикали на едно постоење“, „Бранување“, „Вклештување“, „Спектар на светлосниот извор“, „Небо и човек“ и „Човек и време“.
Најобемниот и најдолготраен циклус на Анастасов, „Човек и простор“, на кој авторот работел речиси три децении – од 1978 до 2008 година, зазема централно место во неговото доцно творештво.

Македонски


