
Панукла сесии продолжуваат со второ поглавје – вечер што повторно ја става во фокус интеракцијата во живо, ангажираното слушање и музиката како процес во настанување.
Овојпат, програмата носи две трија, две звучни траектории и два различни генерациски пристапа кон градењето звук – двете обединети околу суптилна импровизациска архитектоника и нескротлива колективна енергија.
Прво трио:
Глигор Кондовски (виолина)
Дориан Јовановиќ (бас гитара)
Драган Теодосиев (тапани)
Второ трио:
Андреј Димовски (електрична гитара)
Мартин Џорлев (синтисајзер)
Дарио Циевски (тапани)
Настанот ќе се одржи во клубот Буква, на 23 април 2026 година (четврток), од 21 часот.
Цената на влезниците е 200 денари, 100 денари за студенти.
Во последните години, Глигор Кондовски систематски го проширува семантичкото поле на виолината – третирајќи ја не како стабилен инструмент, туку како отворено средство за трансформација и пренасочување на звучните значења. Неговата музика не се потпира на жанровска припадност, туку на внимателно конструирани, но намерно нестабилни звучни рамки, во кои композицијата и импровизацијата постојано ја преговараат својата улога.
Во ова трио, заедно со Дориан Јовановиќ (Добрила и Дориан дуо, Чалгија Саунд Систем, String Forces…) и Драган Теодосиев (Taxi Consilium, Cobalt Code Unit, Мизар…), фокусот се префрла кон колективната динамика: ритам-секцијата не функционира како придружба, туку како рамноправен и активен партнер во градењето на формата. Музиката се развива постепено – преку суптилни промени во тонот, темпото и густината – создавајќи простор во кој вниманието кон деталот станува централен дел од музичкото искуство на целината.
Ова е звук што не бара спектакл, туку концентрација. Звук што се гради во реално време. Звук што се слуша одблизу.
Второто трио доаѓа од една поинаква, но подеднакво витална сцена – колективи и состави кои во последните години создаваат музика на провизорните и порозните граници помеѓу рокот, пост-панкот, џез импровизацијата и постојаното експериментирање.
Во различни формации – од колективни проекти до независни бендови (Lufthansa, Кокиче, Vagina Corporation, Животни, Стој, После!…) – овие музичари од најмладата генерација постојано ја озвучуваат енергијата на современиот урбан живот: музика што се движи помеѓу суровост и хумор, помеѓу иронија и младешка енергија, помеѓу бучава и лиричност.
Во ова трио, гитарата, синтисајзерот и тапаните звучат како внимателно изграден организам за создавање музика која не се плаши од ризик, фантазија, игра и од неочекувани пресврти, притоа избегнувајќи непотребна жанровска класификација. Жива, непосредна и физичка. Музика што се случува тука и сега.
Панукла сесиите не се фестивал и не се серија концерти во класичната смисла. Тие се место за средба – на музичари, слушатели и идеи. Место каде музиката се случува како дијалог, а концертите како заедничко искуство.
Панукла е архаичен збор, кој најчесто се користи во југозападните делови на Македонија, особено во Преспа. Зборот има корени од грчкиот јазик и буквално значи чума, иако се користи и за означување на проклетство, несреќа, штета, голема беља, па дури и паранормално демонско присуство. Старите преспанки, кога чуваа палави внуци од метрополата, љубеа да се жалат: „Шо ќе беше љуѓе та панукла?!“ или „Ма вате панукла!“
Во овој контекст ние зборот го извртевме на Деридаовски начин. Панукла сесиите се замислени како периодични настани, на кои ќе се претставуваат формални и неформални состави, кои љубат да практикуваат музика во која немирниот дух, игровноста, презирот кон институционализираните музички калапи, музиката со отворени краеви и слободната импровизација ќе бидат земани како главни водилки при нивните настапи.
Дизајн на постер: Кристијан Новковски (@beamoff.art)

Македонски


