
Не може ниедна компанија да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална – категоричен е министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Најавува контроли кај компаниите, а доколку се утврди дека навистина се нудат работни места со плата под минималната, најавува санкции.
На денешната прес-конференција, на која заедно со директорот на Агенцијата за вработување го презентира оперативниот план за вработување за 2026 година, одговарајќи на новинарски прашања дека на веб-страницата на Агенцијата за вработување се нудат 9.000 слободни работни места со плати под минималната, Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата за вработување и Трудовиот инспекторат.
Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон кој е во сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниедна компанија да го злоупотребува законот – истакна Дурмиши.

Македонски


