
Неколку западноевропски држави се понудиле за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти кои настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој се случи на 16 март во кој загинаа 59 лица, претежно деца и млади, а околу 200 беа попвредени.
За ова информираше министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција на која кажа дека во следните денови ќе известат каде ќе може да бидат сместени тие пациенти доколку имаат ваква потреба.
По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство, д-р Арбен Таравари информираше дека денеска се испишуваат 12 пациенти од болниците во Скопје, уште 4-5 се во критична сосојба, а 115 се лекуваат во странство.
Во странство се 115 пациенти, од кои за жал 4-5 пациенти се во посериозна состојба, некаде има влошување, но нашите колеги од странство даваат максимум за да го поминат овој тежок период, истакна министерот Таравари.
Министерот информираше дека најверојатно еден пациент денес се враќа од Белград, за кој посочи дека е во добра општа состојба и минимум 24 часа ќе престојува на некоја од клиниките и ќе биде направена тријажа.
Исто така, екипи од пластична хирургија денес веќе се на пат за Кочани каде треба да дадат помош на пациентите со изгореници кои се пуштени на домашно лекување. Екипите ќе дадат професионална поддршка таму, без да треба овие пациенти да патуваат до Скопје, рече министерот.