
Во 2025 година се направени над 13 илјади интервенции и прегледи за дојка, вклучувајќи мамографија, ултразвук, магнетна резонанца и биопсија, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурвање Сашо Клековски на одбележување на 4 февруари, Светскиот ден за борба против ракот.
Направени се околу 18.000 ендоскопии, вклучувајќи бронхоскопии, гастроскопии и колоноскопии. Не сме задоволни од бројот на направени колоноскопии, земајќи во предвид дека сите граѓани над 50 години треба да направат една превентивна колоноскопија. Ги охрабрувам сите возрасни да го направат тоа, кажа Клековски, соопштувајќи податоци за тоа што се прави во Македонија за подобрување на состојбата во борбата против ракот.
Клековски објасни дека во минатиот период се потрошиле доста на засилување на раното откривање и тоа е ефектуирано и низ набавка на опрема и низ зголемување на бројот на прегледи.
Минатата година беше голем фокус на патологијата и на молекуларната дијагностика. Го зголемивме буџетот на Институтот за патологија. Го зголемивме буџетот во МАНУ. Го вклучивме Природно математичкиот факултет во мрежата. Успеавме да направиме подобрување на кадарот со нови вработувања на Клиниката за радиотерапија и онкологија и на Институтот за патологија – вкупно четворица нови специјализанти. Сепак, надвор од Скопје, на два обновени огласи за патолози – вкупно пет места, не се јави ниту еден кандидат. И покрај ограничувањата во кадарот, постигнавме: Над 20.000 хистопатолошки анализи. Околу 2.000 молекуларни или генетски истражувања од кои најголем дел се за малигни заболувања, изјави Клековски.
Директорот на ФЗО кажа дека работат со Институтот за патологија на воведување на т.н. рефлексно тестирање, со цел да се скрати времето од морфолошка потврда до генетска анализа, за патологот да може сам да донесе одлука без нови упати.
Исто така, во Охрид е комплетно опремена патолошката лабораторија со цел децентрализација на товарот врз пациентите, додаде тој.
Според податоците од ФЗО, во 2025 година биле реализирани вкупно 17.581 ендоскопски прегледи, од кои 7.096 колоноскопии и 9.807 гастроскопии. Во делот на дијагностиката на дојка, реализирани се вкупно 13.042 услуги, при што доминираат мамографиите со 7.076 прегледи.
Во однос на Онкологија, Клековски информираше дека буџетот за лекови во 2025 година бил зголемен за 70 отсто во споредба со претходната година, со цел да се обезбеди континуитет на терапијата. Тој најави и потреба од итно обновување на официјалните водичи за лекување, кои датираат од 2008 година.
Зборуваме за третман на пациенти кои се речиси со метастази, ние мораме да имаме проценка за ефикасноста на оваа терапија. Оваа терапија е исклучително скапа и доколку нема ефект, не би требало да се продолжува за да ги имаме за ситуации кога треба да има ефект. И тука важна алка е ПЕТ центарот, рече Клековски, додавајќи дека во 2025 година се направени над 2.007 ПЕТ снимки, а целта е да се достигне бројка од 5.000 до 6.000 годишно.
Во хируршкиот дел, статистиката покажува дека во 2025 година се извршени вкупно 13.993 операции на тумори по органски системи, како и 7.907 операции на ин-ситу и сомнителни неоплазми. – Ова е значителен број што нашите хирурзи во Македонија успеаја да го постигнат и треба да им дадеме признание, вели Клековски.
Прашан за листите на чекање и достапноста на иновативни терапии, Клековски дециден дека мора да постојат јасни критериуми кои ќе важат подеднакво за сите. – Не смее да имаме поповластени, многу повластени или привилегирани граѓани, подвлече директорот на ФЗО.

Македонски



