
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најави нови мерки за контрола на препишувањето на лекови, со посебен акцент на антибиотици и анксиолитици. Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека минатата година вреднувањето на матичните лекари било зголемено, а сега се очекува и поголема одговорност од нивна страна, вклучувајќи придржување до казнената политика доколку се надминат квотите за пропишување на овие лекови.
„Имаме ограничување за препишување само кај антибиотици и анксиолитици“, појасни Клековски.
Како втора мерка, ФЗО ќе воведе е-рецепт, кој ќе овозможи позадинска контрола на индикациите и дозирањето на лековите. Системот е веќе тестиран кај матични лекари и во аптеки, а се очекува да стартува во 2026 година. Целта е да се намали несоодветното препишување и издавање на поголеми количини од потребното, како и да се заштитат лекарите од притисоци од пациенти за добивање на одреден лек.
„Најкритична за нас е употребата на Сумамед, кој треба да биде антибиотик за последна линија на одбрана. Лани забележавме 23 отсто зголемување во неговото издавање“, нагласи Клековски.
Тој истакна дека средствата за ставање нови лекови на позитивната листа се зголемени за околу пет милиони евра, од 3,2 на 3,5 милијарди денари, што според него, се должи на зголемената консумација, а не на бројот на лекови на листата.
„Е-рецептот ни е неопходен за да се контролира употребата и да се намали неоправданата потрошувачка, а истовремено да се овозможи поголема оправдана употреба на лекови. На позитивната листа се уште има премногу стари и евтини лекови кои се лесно достапни, а ни недостигаат нови, поскапи лекови од современи генерации“, додаде Клековски.

Македонски






