
Многу луѓе со висок крвен притисок најмногу внимание обрнуваат на горниот (систолен) притисок, додека околу долниот (дијастолен) со години кружат разни теории, стравови и заблуди. Една од најчестите е дека е особено опасно кога горниот и долниот притисок „се приближуваат“, па многумина паничат кога ќе видат мала разлика меѓу двете вредности на апаратот.
По повод Светскиот ден на хипертензијата, српскиот кардиолог Живан Димитријевиќ за „Курир здравје“ објаснува колку овие верувања се основани и дали лекарите повеќе ги загрижува високиот горен или долен притисок.
Тоа приближување на притисоците е повеќе бабини деветини. Важно е колкави се реалните вредности на притисокот. Не е исто кога некој има 170/110 mmHg и кога има 130/90, без разлика колкава е разликата меѓу горниот и долниот, вели д-р Димитријевиќ.
Тој објаснува дека крвниот притисок не е статична вредност и во текот на денот може значително да варира поради стрес, физички напор, психичка состојба, но и постоечки болести на срцето и крвните садови. Затоа лекарите не гледаат само еден број, туку целокупната клиничка слика на пациентот — симптомите, возраста, терапијата и другите заболувања.
Според него, особено загрижувачки е кога многу ќе се покачи долниот (дијастолен) притисок.
Дијастолниот притисок е оној што останува во крвните садови кога срцето се опушта по исфрлањето на крвта. Кога ќе видам, на пример, 170/115, навистина се загрижувам. Често сум гледал луѓе кои доаѓаат со инфаркт и имаат 170/120, вели докторот.
Тој додава дека видел и пациенти со екстремни вредности како 240/150 mmHg, како и тешки последици од такви нагли скокови на притисокот.
Видов пациент со огромен притисок кој доживеал мозочен удар и преживеал, но со сериозни последици. Затоа долниот притисок ме плаши кога многу ќе порасне. Секако дека и високиот горен притисок е опасен, но со големите скокови на дијастолниот имам многу лоши искуства, вели кардиологот.

Македонски

