
Во Македонија може да се развива здравствен туризам и тој постои и сега. Во регионот, ние сме најевтини, а нудиме исти квалитети во естетската хирургија. Јас често коригирам пациенти кои биле оперирани во Турција и платиле многу пари, а се жалат дека докторот не ги ни видел, вели д-р Игор Пеев, вич научен соработник, специјалист за пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хиругија.
Дали македонските естетски хирурзи може да му парираат на светот, кои интервенции и каков е кадарот на Клиниката, дали цените се конкурентни, дали иднината е во засебна Клиника за естетска хирургија се прашањата за кои разговаравме со д-р Пеев, кој е и претседател на Здружението за естетска медицина (ЗЕМ).
Интересот за естетската медицина е во постојан подем и во постојан раст и тоа се гледа во бројките на потрошени филери и ботокси. За жал, социјалните трендови ги тераат помладите, дури и малолетнички да доаѓаат и да бараат услуги од нас. Јас ги одбивам, но често доаѓаат девојки пред матури, кои сакаат да извршат корекции. Таа зараза со естетика, да се изгледа убаво или сега хитот ‘фокси ајс’ или подигнати усни за жал е на ‘тикток’ или “инстаграм’, тоа е еден бран, како епидемија на исти барања, вели д-р Пеев.

Во интервјуто за „Република“ д-р Пеев ја објаснува разликата меѓу пластичната и реконструктивната хирургија и вели дека операција која ќе ја памети цел живот е реконструкција на града од сопствено масно ткиво. Операцијата била извршена пред 10 години и тој бил првиот пластичен хирруг кој ја направил. Земено е масното ткиво од стомакот на пациентката и микрохируршки со крвни садови е споен на местото на градата. Операцијата траела 15 часа.
Каков е кадарот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија? Дали може да му парираме на светот?
Д-Р ПЕЕВ: Кај нас, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија каде што работам веќе 20 години, кадарот постојано се зголемува. На почетокот сме биле осум доктори, сега има 15 и повеќе на специјализација дополнително. Интересот за специјализација во оваа медицинска гранка е огромен. За среќа, имаме млади лекари кои биле на престој во земји во кои естетската хирургија е на високо ниво, како Турција. Јас бев таму три месеци и донесовме методи кои се актуелни во светот и сега се работат и кај нас. Во моментов имаме две пациентки од друга држава. Оперирани се неодамна, и тоа за интервенции за кои луѓето плаќаат многу пари во Турција или некоја друга земја. Многу сме актуелни, се што се прави во светот, се прави и кај нас. И во техника на операции и во инструментарска техника. Имаме нов апарат за липосукција што го добивме пред два месеци. Тоа е модерен апарат, го нема во другите болници. Кадарот е млад, перспективен, полн со идеи. Имаме недостаток на болнички соби, среден медицински персонал и операциони сали. Имаме само две сали за операции.
Естетските интервенции се целосно приватни, пациентите си ги плаќаат сто отсто. Имаме цени кои се одобрени од Министерството за здравство, од нашиот стручен колегиум и тие со години се исти. Сега бараме да се ревидираат. Многу сме конкуренти со цените во однос на другите каде што се вршат естетски интервенции и кај нас и во регионот. Реконструктивните операции како на пример, на гради или на лице, се друг тип на интервенции и тие спаѓаат под Фондот за здравство. Ако некој не е осигуреник на Фондот, плаќа приватно, но тоа не е естетска операција. Тука има правен вакуум, кој сакаме да се реши. Естетските операции се поистоветуваат со дополнителните, а тоа не е исто. На Клиниката кај нас правиме и липосукции, бразилски задници, липоскулптури. Тоа е обликување на телото со сопствените масти. Се земаат масти од слабината, стомакот и потоа се вбризгува во гради, задник, телото се прави како песочен часовник. Играме скулптори со мастите на пациентот. На една пациентка и правевме лажни стомачни мускули за да изгледа дека вежбала. Се е тоа во доменот на естетската хирургија и тоа ФЗО не го прифаќа.
Дали иднината е во посебна, засебна, Клиника за естетска хирургија? Тогаш државата би можела да развива здравствен туризам.
Д-Р ПЕЕВ: Во моментов, нашата Клиника е именувана како Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Сметам дека треба да има или дополнување на тоа име со естетска хирургија или нова Клиника која би била естетска медицина во која ќе спаѓа естетска хирургија и естетската нехируршка област во која спаѓаат филери, ботокси, но и ласери, инфрацрвена светлина, има плејада на разни видови машини базирани на енергија кои прават затегнување на кожа, стимулација на фибробласти, колагенска синтеза…

Ќе ни дозволите да остариме?
Д-Р ПЕЕВ: Го видовте Миг Џегер на доделувањето на Оскари, како изгледа на 82 години? Баш супер изгледа!
Дали тогаш може да зборуваме за развивање на здравствен туризам во државата?
Д-Р ПЕЕВ: Дефинитивно. Тој постои и сега. Здравствениот туризам кај нас, пред се заради поевтините цени е многу изводлива опција. Многу од кај нас и во регионот одат во Турција, каде што навреме го развија овој вид туризам и многу се успешни во таа приказна. Во околината, ние сме најевтини, а нудиме исти квалитети. Јас често коригирам пациенти кои биле оперирани во Турција и кои платиле многу пари, а и се жалат дека докторот не ги ни видел, а пациентката, како што вели ‘само ги лупнав парите’. Да не зборувам за луѓе кои искрваруваат во хотелски соби и никој не ги дознава што се случува. Ова се случува таму бидејќи и кај нив е излезено од контрола, дејноста се злоупотребува, а често се случува прекумерност на операции во еден акт. Ќе дојде некој и сака да направи задник, липосукција, затегање, нос, фејслифтинг…Ќе плати, ама на крајот на денот, тоа не е безбедно. Секоја операција носи одреден ризик. Кумулативно, тој ризик расте ако бројот на интервенции во ист акт е зголемен.
Што е најскапо да се направи на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија?
Д-Р ПЕЕВ: Кај нас, во моментов, меѓу посакапите интервенции спаѓаат подигнување на градите со имплант, фејслифтинг, затегнување на стомак, липоскултурирање.
Колку естетски и пластични хирурзи има во Македонија? Зошто сите сакаат да работат во Скопје?
Д-Р ПЕЕВ: Заедно со специјализантите бројката се движи меѓу 50 и 60. Освен во Скопје, во Штип има тројца, во Охрид еден или двајца, ако не се лажам, Куманово, Тетово, но за жал дојде во главниот град.

Каква е иднината на пластичната хирургија?
Д-Р ПЕЕВ: Иднината, според мене, е во регенеративната медицина во однос на земање на матични клетки со липосукција од масното ткиво, бидејќи бројот на матичните клетки во масното ткиво е најголем. Тие се умножуваат и како инјекциони техники да се аплицираат во кожата. Исто така, претходно ги спомнав и машите базирани на енергија – ласери, ултразвци, инфра ред светлини чијашто идеја е да се стимулира повторно создавањето на колаген, но преку други механизми.
Неодамна, ЗЕМ, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи МАПРЕКС и Здружението на дерматовенеролози на Македонија поднесоа барање за измени во Законот за јавно здравје, за да се знае кој точно може да извршува естетски интервенции. Д-р Пеев вели дека иницијативата е поднесена пред се заради безбедноста на пациентите.
За тоа кои се најчестите компликации со кои доаѓаат пациентите кои биле трерирани во немедицински установи и од нестручни лица д-р Пеев вели:
Еден од најтешките случаи кои ги имал д-р Пеев е исхемија на носот кај млада девојка која настанала заради апликација на филер во носната регија што довело до затворање на крвниот сад што го храни носот и појава на некрозна плака, значи исхемично ткиво со појава на инфекција, со црвенило, црнило и на крајот есхара, односно народски кажано струпче, кое е длабоко и треба хируршки да се обработи.
Како салоните за разубавување, козметички салони, маникири, педикири, „главни“ во вбрузгување филери и ботокси?
Но, она што се нуди во салоните не е секогаш со проверен квалитет.
Во соседна Србија исто имаше голема хајка против нелегалната апликација на филери и тоа спаѓа во доменот на борба со надрилекари.
Дали имавте позитивни реакции од Министерството за здравство?
Д-Р ПЕЕВ: Позитивните реакции дојдоа од заменикот министер за здравство Јовица Андоновски кој беше присутен на нашиот Симпозиум за естетска медицина кој го организиравме по шести пат. Тој ни кажа дека начелно ја поддржуваат иницијативата, бидејќи тој правилник за работа со кој апликацијата на ботокс и филери се поистоветува со тетовирање и пирсинг методи е навистина застарено гледање на работите и дека Законот е прилично недоречен, конфузен и воопшто не соодветствува со реалната, моментална состојба. Работите се менуваат и сите законски акти треба да бидат апдејтирани.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото и видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски