
СДСМ повторно ја отвори фронталната линија кон критички настроените медиуми, овојпат со кривична пријава против сопствениците на Алфа ТВ, што во јавноста се доживува како уште еден обид за притисок врз медиумскиот простор.
Партијата соопшти дека до Јавното обвинителство поднела пријава поради сомнежи за организирана шема на перење пари, даночно затајување и фалсификување деловни книги. Пријавата опфаќа повеќе физички и правни лица, меѓу кои и мнозинскиот сопственик Питер Шац, како и управителите на „Таргет Медиа“ и „Алфа Скоп“ ДОО.
Според наводите на СДСМ, од 2017 година наваму преку меѓународна мрежа биле префрлени околу 2,85 милиони евра кон Македонија, кои завршувале во телевизијата, при што средствата наводно биле прикривани преку фиктивни договори за маркетинг со компании без реална економска активност. Се споменува и користење на т.н. „shell“ компании за заобиколување на законите за транспарентност, како и сомнителни маркетиншки услуги констатирани од Финансиската полиција.
Но, ваквиот потег отвора сериозни дилеми за мотивите на владејачката партија. Наместо институциите да делуваат независно и без политички наративи, СДСМ повторно настапува со јавни обвинувања, што според дел од јавноста претставува директен притисок врз медиум кој не е наклонет кон власта.
Дополнително, се поставува прашањето зошто, доколку постапката веќе постои, таа „се држела во фиока“, а сега се активира токму во политички чувствителен момент. Критичарите предупредуваат дека ваквите чекори можат да имаат за цел дисциплинирање на медиумите и создавање атмосфера на страв.
Иако борбата против криминалот и корупцијата е неопходна, таа мора да се води транспарентно, без селективност и без политичка инструментализација. Во спротивно, наместо владеење на правото, се добива перцепција за таргетирање на неподобни медиуми – нешто што директно ја поткопува слободата на изразување и демократијата.

Македонски


