Skip to main content

Изет Меџити до Села: Лесно е да пишуваш желби од опозиција

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, до Собранието достави нов предлог-закон за правична и соодветна застапеност, оценувајќи дека станува збор за уставно право кое произлегува и од Охридскиот рамковен договор.

Села изјави дека предложеното законско решение има цел реално да ги гарантира правата на граѓаните, а не, како што рече, да биде „закон колку да постои“, со намера да остане неприменлив. Според него, правичната и соодветна застапеност претставува долгогодишна кауза на Алијансата за Албанците, со која партијата настапила и на парламентарните избори во 2020 година.

Тој нагласи дека законот, покрај етничката, предвидува и родова застапеност, како и застапеност на лицата со попреченост. Како новина го посочи и директното вклучување на податоците од пописот на населението преку Државниот завод за статистика, кој по секој попис ќе доставува официјални податоци за институциите на централно ниво.

„Ова е право на граѓаните, а не на политичките актери и владите, и како такво треба да се почитува“, истакна Села.

На предлогот реагираше ко-претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, кој оцени дека „лесно е да се пишува список на желби од опозиција“, додавајќи дека ниту Села, ниту другите политички субјекти не понудиле вакво решение додека биле дел од власта.

Меџити ги повика сите албански пратеници да го поддржат законот што веќе е доставен од Владата, со цел да се обезбеди Бадентерово мнозинство.

„И јас и господинот Села имавме многу можности во минатото, но не донесовме решение и не предложивме закон за правична и соодветна застапеност. Сега да седиш на страна и да пишуваш желби е лесно. Тоа треба да се прави кога си во Владата и кога треба да преговараш со владините партнери“, рече Меџити.

Тој нагласи дека, според владините предлози, за првпат по 25 години прашањето за соодветната застапеност ќе биде регулирано со посебен закон, а надлежноста нема да биде оставена само на министерствата и директорите, туку ќе ја координира Владата преку специјално тело раководено од првиот заменик-претседател на Владата.

Инаку, Законот за правична и соодветна застапеност, откако доби мислење од Венецијанска комисија, веќе е доставен во собраниска процедура. Предлог-законот најпрво ќе се разгледува во матичната комисија, по што ќе се најде пред пратениците, со можност за поднесување амандмани.

Иако во законското решение не се предвидени конкретни санкции за негово непочитување, од власта велат дека дополнителните механизми ќе бидат утврдени преку подзаконски акти што ќе ги подготви координативното тело на Владата.

Поврзани вести