Skip to main content

Доаѓаме директно кај вас – Ѓорѓиевски почнува директни средби со скопјани

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави досега најголема теренска посета низ сите скопски општини, која ќе започне со посета на Општина Кисела Вода.

Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски информираше дека првата средба со граѓаните ќе се одржи во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, со почеток во 19:30 часот.

– Започнуваме голема теренска посета во сите скопски општини. Скопје се гради со работа, со збор што се исполнува и со гласот на граѓаните. Вашите потреби и барања се нашата водилка за достоинствено, уредено и модерно Скопје. Затоа доаѓаме директно кај вас, во вашата општина – напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека за време на посетите ќе се разговара за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, ќе се направи увид во започнатите проекти и ќе се разгледаат идните активности што треба да се реализираат.

Според најавата, на средбите ќе присуствуваат и директори на јавните претпријатија на Град Скопје, како и претставници на градските сектори, со цел граѓаните директно да поставуваат прашања, да даваат предлози и да добијат конкретни одговори.

– Теренот е мојата природна средина. Меѓу граѓаните најдобро се гледаат реалните проблеми и таму се носат вистинските решенија. За само шест месеци успеавме да откочиме и реализираме бројни проекти кои со години беа заборавени или заглавени – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека, според него, Скопје во моментов е „големо градилиште“ во кое се реализираат нови проекти и инфраструктурни активности.

Поврзани вести