
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денес беше домаќин на негови колеги од Германија (Кемниц), Италија (Гориција) и Словенија (Нова Горица).
Имав чест да ги пречекам моите колеги од Кемниц, Гориција и Нова Горица, градови со богато искуство, визија и докажана културна сила.
🇪🇺 Заедно со градоначалниците Само Турел, Радолфо Зиберна, Џозефин Хаге, како и со Бен Нупнау – вршител на должноста амбасадор при Делегацијата на ЕУ, разговаравме за искуствата и предизвиците што ги носи титулата Европска престолнина на културата, титула што Скопје гордо ќе ја носи во 2028 година, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамки на посетата, направија прошетка низ срцето на градот, низ симболите и приказните, а потоа ја продолжија обиколката со официјална средба во Europe House Skopje, место каде идеите се претвораат во визија, а визијата во конкретна иднина.
-Оваа средба е вистински простор каде културата дише, се движи и создава. Токму во тоа е суштината на Европската престолнина на културата, да го истакнеме богатството на различностите, но уште повеќе – да изградиме мостови на заедништво, разбирање и заеднички европски идентитет, додаде градоначалникот во објавата.
За Скопје, патот до 2028 е процес на отворање, на учење, на поврзување. Процес во кој културата станува двигател на промени што гради похуман, поотворен и посилен град.
Затоа, денешната размена со нашите пријатели од Нова Горица, Гориција и Кемниц има посебна тежина. Тие градови покажаа дека културата е жива енергија што создава нови односи, отвора дијалог и гради чувство на припадност. Нивните искуства ни помагаат да ја обликуваме сопствената приказна што Скопје ќе ја раскаже пред Европа, додаде Ѓорѓиевски.
Ова партнерство не завршува со разговори.
Ова партнерство продолжува и добива своја видлива форма преку изложбата што вечерва се отвора во Музеј на Град Скопје, достапна за сите посетители од 15 до 26 април, како сведоштво за заедничката визија и културната поврзаност, потенцира тој.
Скопје 2028 е обврска да го зајакнеме европскиот дух на градот, да создадеме нови партнерства и да ги вклучиме граѓаните, младите, уметниците и институциите во една заедничка приказна на трансформација.
Со искрена благодарност до сите партнери, до Делегацијата на Европската Унија и до нашите пријатели од Европа, продолжуваме заедно. Посилни, поврзани и со јасна визија за иднината, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Македонски


