
Свети Архангел Михаил се смета за т.н жив светец па има верување дека не се подготвува славска пченица. Дали е така?
Поранешниот српски Патријарх Павле за ова во својата книга „Да ни станат појасни некои прашања на нашата вера“. има кажано.
Житото не се приготвува за светците кои умреле, туку, како што се вели во самата молитва за осветување на коливото, свештеникот се моли коливото да се принесува во слава на Бога, „во чест и спомен на светиот (се изговара името на семејната слава), и во спомен на оние што починале во благочестива вера“.
Ова е најважниот дел од молитвата во кој се открива смислата на приготвувањето коливо за Крсната слава. Крсната слава со славскиот колач и коливото се принесува заради Бога и во чест на крсниот светител како заштитник на семејството.
Варената пченица не е симбол на смрт, туку на животот на оние што живееле и на оние што сега живеат во верата со Бога и со својата Крсна слава. Вистина е, исто така, дека сите светци се живи, зашто во Бога никој не може да биде мртов – Бог е Бог на живите, а не на мртвите.

Македонски








