
Планетата Земја е на пат да ја забележи 2025 година како втора најтопла во историјата на мерењата, изедначувајќи се со 2023 година, по историскиот максимум од 2024 година, соопшти денеска европската служба за следење на глобалното затоплување.
Последните 10 години беа 10-те најтопли години откако се вршат мерења, објави претходно годинава Светската метеоролошка организација.
Податоците на службата за климатски промени Коперникус потврдуваат дека глобалните температури се на пат да го надминат прагот од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, што е граница утврдена во Парискиот климатски договор од 2015 година.
Температурите од јануари до ноември пораснале во просек за 1,48 степени Целзиусови и „во моментов се изедначени со 2023 година како втора најтопла година во историјата“, според месечното ажурирање на службата.
Тригодишниот просек за периодот 2023 – 2025 е на пат првпат да надмине 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период 1850 – 1900 година, кога луѓето почнале масовно да согоруваат фосилни горива во индустриски размери, изјави во соопштението Саманта Берџис, стратешки раководител за клима во Коперникус.
Овие пресвртници не се апстрактни – тие го одразуваат забрзаниот ритам на климатските промени и единствениот начин за ублажување на идниот пораст на температурите е брзо намалување на емисиите на стакленички гасови, рече Берџис.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во октомври предупреди дека светот нема да може да го ограничи глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови во наредните неколку години.
Минатиот месец беше третиот најтопол ноември во историјата на мерењата со 1,54 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, според Коперникус, со просечна температура на воздухот на површината од 14,02 степени Целзиусови.
Таквите постепени порасти може да изгледаат мали, но научниците предупредуваат дека веќе ја дестабилизираат климата и ги прават невремињата, поплавите и другите катастрофи поинтензивни и почести.
Месецот беше обележан со низа екстремни временски настани, вклучувајќи тропски циклони во југоисточна Азија, кои предизвикаа катастрофални поплави и загуба на човечки животи, наведува Коперникус.
За Европа ова беше петтиот најтопол ноември досега забележан, со просечна температура од 5,74 степени Целзиусови.
Додека источна Европа, Балканот и Турција забележаа невообичаено високи температури, условите во Скандинавија и јужна Германија беа релативно ладни.
Само три претходни есени во Европа биле толку топли како оваа.
Филипините во ноември ги опустошија два последователни тајфуни во кои загинаа околу 260 луѓе, додека Индонезија, Малезија и Тајланд ги погодија големи поплави.
Просечната глобална температура за есента на северната хемисфера (септември – ноември) исто така беше трета највисока во историјата, по 2023 и 2024 година.
Температурите беа главно над просекот низ целиот свет, особено во северна Канада, над Арктичкиот океан и низ Антарктикот, наведува Коперникус, додавајќи дека во североисточна Русија биле регистрирани значајни ладни аномалии.
Коперникус ги врши мерењата со милијарди сателитски и метеоролошки податоци, на копно и на море, а нивните податоци се протегаат до 1940 година и се споредуваат со глобалните температурни записи од 1850 година.
Глобалните температури сè повеќе се поттикнати од емисиите на гасови што ја загреваат планетата, главно од фосилни горива кои масовно се согоруваат од индустриската револуција.
Нациите на климатскиот самит на ОН КОП28 во Дубаи во 2023 година се договорија за транзиција од фосилни горива, но амбициите оттогаш стагнираат.
Конференцијата за клима КОП30 во Белем, Бразил, заврши минатиот месец со договор со кој се избегна нов, експлицитен повик за постепено укинување на нафтата, гасот и јагленот, по приговорите на земјите-производители на фосилни горива.

Македонски







