Skip to main content

Захарова: Москва веднаш ќе одговори на заплената на руските средства од страна на ЕУ

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, порача дека официјална Москва веднаш ќе преземе акција како одговор на одлуката на Европската Унија да ги заплени руските суверени средства.

Нашиот одговор ќе биде моментален. Банката на Русија објави детално соопштение на 12 декември за тоа прашање. Конкретни чекори веќе се преземаат“, се наведува во изјавата објавена на веб-страницата на Министерството.

Европската Унија вчера ја потврди одлуката за неодредено време да ги замрзне средствата на руските централни банки лоцирани во Европа, со што се отстрани голема пречка за користење на готовината за помош на Украина во војната против Русија. Советот на ЕУ денеска одлучи привремено да забрани секаков трансфер на имобилизираните средства на руската Централна банка од ЕУ кон Русија.

Захарова нагласи дека располагањето со руските суверени средства без согласност на Руската Федерација, без разлика дали станува збор за блокирање, конфискација или обид за претставување на запленувањето како некаков заем за репарација, е апсолутно незаконски акт со кој во голема мера се крши меѓународното право.

Каков било псевдо-правен трик што Брисел ќе се обиде да го искористи како оправдување, се работи за обична кражба“, нагласи Захарова.

Таа додаде дека политиката на Брисел кон Москва е лишена од логика и наликува на „театар на апсурдот“, додавајќи дека ЕУ со своите настојувања да ѝ нанесе штета на Русија по секоја цена веќе довела до многу тешка економска ситуација во самата Унија.

Централната банка на Русија поднесе тужба против одлуката, нарекувајќи го планот на Европската комисија за илегален и го задржа правото да ги оспори акциите на ЕК пред надлежните институции.

Сумата што ЕУ сака да ја искористи за заем за Украина се движи меѓу 185 и 210 милијарди евра. Властите на Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од средствата, досега одбиваа вакво барање на ЕУ. 

Поврзани вести