Skip to main content

Во воена операција е убиен мексиканскиот нарко-бос Ел Менчо

Најмоќниот мексикански нарко-бос Немесио Осегера Сервантес, познат и како „Ел Менчо“, е убиен во воена операција. Според мексиканското Министерство за одбрана, тој им подлегнал на повредите додека по апсењето бил превезуван со авион во Мексико Сити. Американските власти дале разузнавачки информации за апсењето како дел од билатералната соработка.

При операцијата на специјална единица на вооружените сили во општината Тапалпа, во западната сојузна држава Халиско, според официјалните информации, освен Осегера загинале уште шестмина членови на неговата банда, а двајца биле уапсени. Тројца војници биле повредени и пренесени во болница.

САД понудија награда од 15 милиони американски долари (околу 12,7 милиони евра) за „Ел Менчо“. Поранешниот полицаец го водеше нарко-картелот Халиско Нуева Генерасион (ЦЈНГ), кој самиот го основа, од 2011 година.

Вашингтон на веста за неговото убиство реагираше преку заменик-министерот за надворешни работи Кристофер Ландау. Тој на платформата Х напиша дека е убиен „еден од најкрвавите и најбескрупулозните нарко-босови“: „Ова е одличен развој за Мексико, САД, Латинска Америка и целиот свет. Добрите се посилни од лошите.“

Насилство и блокади во повеќе мексикански сојузни држави
Како реакција на воената акција, членови на бандата блокираа улици во повеќе мексикански сојузни држави, меѓу кои Халиско, Мичоакан, Агваскалиентес, Тамаулипас и Гуанахуато, користејќи запалени автомобили, камиони и автобуси. Пожари се подметнати и во аптеки и мали продажни објекти. Властите упатија повик до граѓаните да се засолнат.

Американската амбасада во Мексико издаде безбедносно предупредување за американските граѓани. Поради тековните безбедносни операции и блокадите на патиштата, американските граѓани на погодените локации засега треба да останат во своите сместувања, се наведува во предупредувањето.

Поврзани вести