
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс порача дека САД ќе обезбедат гаранции дека секое евентуално ослободување на ирански финансиски средства нема да биде искористено за финансирање тероризам.
Тој објасни дека Џаред Кушнер предложил механизам за надзор на евентуалното одмрзнување на иранските средства.
Прашањето за иранските средства не е меѓу нашите највисоки приоритети во разговорите со Техеран, но сакавме да воспоставиме механизам кој ќе гарантира дека тие средства, доколку некогаш бидат одмрзнати, ќе бидат во корист на иранскиот народ и нема да се користат за финансирање тероризам – изјави Венс.
Одмрзнувањето на иранските средства е дел од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, што беше потпишан минатата недела, а според кој иранските средства и имот кои се замрзнати или ограничени ќе станат достапни по спроведувањето на договорот.
По потпишувањето на рамковниот договор, Вашингтон и Техеран вчера почнаа нова рунда преговори во Швајцарија, на кои присуствува и Кушнер. Целта на разговорите е постигнување конечен договор за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој почна со израелско-американските напади врз Иран на 28 февруари.
Според Венс, Кушнер предложил многу интересно решение кое го вклучува Катар, со што и Катар и САД би имале улога во одобрувањето на секое идно ослободување на ирански средства.
Тие пари потоа би можеле да се користат за купување американска соја, пченка и пченица во корист на иранскиот народ – рече Венс.
Иран со децении е предмет на американски санкции, кои сериозно влијаат врз неговата економија и ги ограничуваат меѓународните финансиски трансакции на земјата. Голем дел од странските средства на Иран беа замрзнати по Исламската револуција во 1979 година.

Македонски



