Русија започна бран големи напади врз Киев и други делови на Украина, соопштија украинските власти рано изутринава, додека Москва се подготвува да го прослави Денот на победата по повод годишнината од нејзината победа над нацистичка Германија.
Најмалку пет лица се повредени во руските напади врз Киев, а според украинските власти, руски проектили запалиле складиште за храна во Одеса на Црното Море, а експлозии имало и во неколку други украински региони.
Русија го засили гранатирањето на Бахмут, надевајќи се дека ќе го освои до вторник, изјави главниот украински генерал задолжен за одбрана на опколениот град, откако руската платеничка група Вагнер се откажа од плановите за повлекување, според последните информации.
Три лица се повредени во експлозии во областа Соломјанск во Киев, а уште две се повредени кога остатоци од беспилотно летало паднале врз областа Свјатошин, обата западно од центарот на главниот град, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко во објава на Телеграм.
Сергеј Братчук, портпарол на воената администрација во Одеса, на својот канал на Телеграм објави фотографии од голема зграда целосно зафатена во пламен во, како што рече, руски напад врз магацин со храна.
Откако сирените за воздушни напади одекнуваа со часови на околу две третини од Украина, медиумите исто така соопштија за експлозии во јужниот регион Херсон и Запорожје на југоисток.
Владимир Рогов, руски локален функционер во Запорожје, рече дека руските сили погодиле магацин и позиција на украински војници во Орихив, мал град во регионот, но нема независна потврда за тоа.
Руските сили вчера гранатираа осум локации во регионот Суми, североисточна Украина, објави регионалната воена администрација на Фејсбук.
Во изминатите две недели, нападите, исто така, се интензивираа врз цели под контрола на Русија, особено на Крим. Украина, без да потврди каква било улога во нападите, вели дека уништувањето на непријателската инфраструктура е подготовка за нејзината долгоочекувана контраофанзива.
Путин ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година, нарекувајќи го тоа „специјална воена операција“ за одбрана на Русија од неонацистите во Украина, но Киев и неговите сојузници велат дека станува збор за неиспровоцирано грабање туѓа земја.
Инвазијата го предизвика најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, убивајќи илјадници и принудувајќи милиони луѓе да ја напуштат земјата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.