
Суд во Турција денеска осуди осум лица на затвор поради несреќата со жичарницата во 2024 година во јужниот туристички град Анталија, во која загина едно лице, а седум беа повредени, објави „Хуриет дејли њуз“.
Во инцидентот од 12 април 2024 година, една од кабините на жичарницата што превезуваше туристи од плажата Коњалти до врвот Тунектепе во регионот на Анталија удри во столб и се распадна, исфрлајќи ги патниците на остри карпи. Жичарницата веднаш беше исклучена, оставајќи 174 лица заробени во кабините високо над земјата – некои речиси 23 часа – пред да бидат спасени. Инцидентот се случил на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, кој секоја година паѓа на различен датум.
Осумтемина осудени за предизвикување смрт и повреда од небрежност се вработени во општинската компанија АНЕТ, која управува со жичарницата во Анталија. Четворица од нив добија седум години и шест месеци затвор, а останатите добија пет години затвор.

Македонски


