Skip to main content

Книжевниот клуб Утопија организира вечер посветена на нобеловката Ани Ерно

Француската литература отсекогаш знаела како од интимното да создаде универзална вистина. Токму затоа Книжевниот клуб Утопија на 4 јуни ќе организира специјална книжевна вечер посветена на француската нобеловка Ани Ерно, една од најзначајните и највлијателни авторки на современата европска книжевност.

Во фокусот на разговорот ќе бидат нејзините капитални дела „Годините“ и „Девојчински спомени“, книги кои на извонреден начин ги истражуваат меморијата, идентитетот, класната припадност, женското искуство и односот меѓу личната и колективната историја.

Настанот се организира во соработка со почесната конзулка на Франција во нашата земја Калиопа Кривашија Стилиновиќ, во година кога франкофонијата во Битола и Француската алијанса одбележуваат значајни јубилеи. Специјална гостинка на вечерта ќе биде проф. д-р Елисавета Поповска, редовен професор по француска и франкофонска книжевност, преведувач и еден од најголемите домашни авторитети во областа на современата француска литература. Таа е преведувач на романот „Девојчински спомени“, а зад себе има и значајни преводи на автори како Андре Жид, Жак Дерида, Јулија Кристева и Ролан Барт.

Вечерта нема да биде класична книжевна промоција, туку отворен разговор за литературата како сведоштво на времето, за сеќавањето како форма на отпор, за женскиот глас во современата книжевност и за моќта на пишувањето да ја претвори личната приказна во универзално искуство.

Настанот ќе го модерира Јасмина Атанасова. Книжевниот клуб Утопија во изминатиот период се етаблира како едно од ретките места во Македонија каде книжевноста се чита, анализира и доживува како жив простор за дијалог, а оваа вечер претставува уште еден чекор во градењето на програмата посветена на значајни автори и книжевни појави од светската литература.

Книжевен клуб Утопија, Битола 4 јуни 2026 година 19:00 часот • слободен влез