
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се намалува финансирањето за Националното јавно радио (Ен-Пи-Ар) и Јавниот радиодифузен сервис (Пи-Би-Ес), кој ја покрива американската јавна телевизија, соопшти Белата куќа.
Наредбата, издадена од Белата куќа, ѝ наредува на Корпорацијата за јавна радиодифузија, која ги распределува федералните средства на Пи-Би-Ес и Ен-Пи-Ар, да „прекине директното финансирање“ за нив. Текстот ги опишува двата медиума како пристрасни.
-Управниот одбор на Корпорацијата за јавна радиодифузија ќе го откаже постојното директно финансирање до максималниот степен дозволен со закон и ќе одбие да обезбеди идно финансирање, исто така се наведува во декретот.
И Пи-Би-Ес и Ен-Пи-Ар веќе изјавија дека обидот на Трамп да го намали нивното финансирање ќе ги наруши основните медиумски услуги и ќе има „разорно влијание“ врз Американците кои се потпираат на нив за сигурни локални и национални вести, вклучително и за време на вонредни состојби.
Администрацијата на Трамп осуди голем број институции во академијата и медиумската индустрија – од Харвард и Универзитетот Колумбија до Пи-Би-Ес и Ен-Пи-Ар – како левичарски, марксистички, пристрасни и воинствени, и се закани дека ќе им го прекине финансирањето. Активистите за човекови права изразија загриженост во врска со слободата на говорот и академската слобода.
Во понеделникот, Корпорацијата за јавна радиодифузија поднесе тужба против Белата куќа откако Трамп се обиде да отпушти тројца од петте члена на нејзиниот одбор на директори. Непрофитната корпорација е создадена од Конгресот на САД во 1967 година и обезбедува финансирање за над 1.500 локално управувани јавни радио и телевизиски станици. Неколку медиуми објавија дека Белата куќа планира да побара од Конгресот на САД да откаже 1,1 милијарда долари финансирање за Корпорацијата за јавна радиодифузија, износ еквивалентен на двегодишно федерално финансирање за корпорацијата.