
Директорката на Одделот за подготвеност и превенција од епидемии и пандемии при Светската здравствена организација (СЗО), Марија ван Керхове, денеска изјави дека во САД е потврдено дека лицето кое имало нејасен резултат на тестот, подоцна било негативно на хантавирус, со што вкупниот број на случаи во светот е намален од 11 на 10.
Ван Керхове рече дека претходниот извештај на агенцијата вклучувал едно лице со неодреден резултат на тестот, а станувало збор за лице од САД.
Подоцна добивме потврда од САД дека тоа лице било негативно – истакна таа.
Во САД се следи здравствената состојба на 41 лице поради можност да се заразени со хантавирус, соопшти вчера американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Од тие лица е побарано да останат дома и да избегнуваат контакт со други луѓе за време на 42-дневниот период на следење.
Лекарот кој раководи со ситуацијата со хантавирусот во ЦДЦ, Дејвид Фитер, рече дека сите потенцијално заразени лица доаѓаат од „три главни групи“.
Тоа се патници кои неодамна се вратени и се наоѓаат во Небраска и Емори, потоа патници кои го напуштиле крузерот и се вратиле дома пред да биде воочена епидемијата, и трето, оние кои можеби биле изложени на вирусот за време на патувањето, особено на летовите каде што биле присутни симптоматски случаи – рече Фитер.
Епидемијата на смртоносниот хантавирус (андски сој) изби на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април оваа година, додека беше на пат од Аргентина кон Зеленортските Острови, а СЗО предупредува дека се очекува пораст на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација (шест до осум недели) и блискиот контакт на патниците.

Македонски

