Skip to main content

Си-Ен-Ен отпушта 200 вработени

Американската ТВ мрежа Си-Ен-Ен отпушта околу шест отсто од работната сила, или околу 200 вработени во традиционалната студиска продукција, во обид да ја задоволи новата публика во време на Доналд Трамп која забрзано емигрира на дигиталните платформи.

Како што изјавија денеска од телевизијата, новинската мрежа на Си-Ен-Ен, која постои веќе 45 години, ја очекуваат значајни промени како нова програмска шема во работните денови и обновена дигитална стратегија.

Извршниот директор Марк Томпсон, објави дека наскоро се воведува нова стриминг услуга, редизајниран дигитален формат и нови услуги за претплатниците, како и нова ТВ програма. Warner Bros. Discovery, компанијата-мајка на Си-Ен-Ен, вложува 70 милиони долари во дигиталните планови на телевизијата, изјави Томпсон.

Во известувањето до вработените тој изјави дека ќе се отворат многу нови работни позиции, така што компанијата не очекува значителен пад на вкупниот број вработени до крајот на годината.

– Нашата цел е едноставна: да ја насочиме тежината на Си-Ен-Ен кон платформите и производите каде публиката се префрла, и со тоа да ја обезбедиме иднината на една од најголемите новински организации во светот. Америка и светот повеќе од кога и да е имаат потреба од висококвалитетни, објективни и доверливи извори на вести. Овој тежок и понекогаш болен процес на промени е единствениот начин да се осигуриме дека сè уште можеме со обезбедување на тоа, се вели во дописот.

Отпуштањата беа очекувани бидејќи мрежата го ревидира и реорганизира својот начин на работа, со фокус на дигитален раст. Речиси сите големи новински мрежи се соочуваат со пад на гледаноста и приходи откако гледачите и читателите се префрлаат на други, дигитални платформи, како социјални мрежи, подкасти и Јутјуб видеа.

Си-Ен-Ен летоска отпушти 100 луѓе, или околу 3 отсто од вработените, а како дел од реорганизацијата на своите операции за собирање вести.