
Шпанската полиција влегла во седиштето на владејачката Социјалистичка работничка партија на Шпанија во Мадрид со судски налог, со цел да собере информации за можна незаконска финансиска шема поврзана со поранешна членка на партијата, објави шпанската јавна телевизија RTVE.
Во центарот на истрагата е Леире Диес, која е осомничена за незаконски исплати поврзани со државниот холдинг SEPI, што управува со дел од стратешките компании во државата.
Оваа акција доаѓа само два дена откако судија го повика поранешниот шпански премиер Хосе Луис Родригес Сапатеро да даде исказ во случајот „Плус Ултра“, во кој е осомничен за трговија со влијание и перење пари.
Паралелно, во тек е и постапка против сопругата на актуелниот премиер Педро Санчез поради сомнежи за трговија со влијание.
Полицијата веќе еднаш влезе во седиштето на PSOE во јуни минатата година, кога тогашниот партиски секретар Сантос Сердан беше обвинет за наводно местење договори за јавни работи.
Новите афери дополнително го зголемуваат притисокот врз Санчез, кој е на власт од 2018 година, а следната година го очекуваат парламентарни избори.
Во меѓувреме, Санчез денеска престојува во Ватикан на средба со папата.
Лидерот на опозициските конзервативци Алберто Нуњез Феихоо побара распишување предвремени избори.

Македонски


