
Романските власти утрово издадоа две предупредувања RO-ALERT за округот Галац во југоисточна Романија, откако Генералштабот на воздухопловните сили пријави можни мали воздушни цели во областа на границата со Украина, објави Романскиот генерален инспекторат за вонредни ситуации. Првата порака беше дистрибуирана до источниот дел од округот, а втората до целиот округ Галац.
„Пораките имаа за цел да го информираат населението и да препорачаат преземање заштитни мерки и криење во случај ситуацијата да се влоши“, соопшти Инспекторатот. За време на мониторингот не се регистрирани инциденти, материјална штета или повици на бројот за итни случаи 112.
Инцидентот е дел од поширока низа мерки поради откривање на воздушни цели во североисточниот дел од земјата. Според романското Министерство за национална одбрана, радарите на романската армија детектирале непозната летачка цел како се приближува кон националниот воздушен простор денеска во утринските часови во областа на округот Тулча.
Во 06:28 часот, два германски ловци „Еурофајтер Тајфун“ од воздухопловната база „Михаил Когалничеану“ беа алармирани. Целта влезе во романскиот воздушен простор од правец на Валкове (Украина) кон областа Килија Вече. Во 06:55 часот, беше издаден сигнал RO-ALERT за населението на округот Тулча.
Подоцна, во 07:11 часот, екипажот на ловецот „Еурофајтер“ пријави радарски контакт со објектот веќе над украинската територија. Во 07:37 часот, два ловци Ф-16 исто така полетаа од воздухопловната база Борча, а малку подоцна, во 07:48 часот, беше издадено предупредување RO-ALERT за округот Галац.
Во 07:50 часот, романските радари повторно регистрираа упад во воздушниот простор на земјата, при што еден од авионите Ф-16 оствари радарски контакт со непознатата цел.
Романија го зајакна својот систем за надзор и одговор по зголемената инциденца на руски беспилотни летала што влегуваат на нејзина територија во текот на тековните руски напади врз цели во јужна Украина во близина на романската граница. Властите уверуваат дека одбранбените структури се во постојана готовност и работат во тесна координација со партнерите од НАТО

Македонски








