
Британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, денеска изјави дека нејзината земја „никогаш нема да исклучи ништо“ во врска со одмазничките царински мерки што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп поради учеството на британски војници во мисијата во Гренланд, каде што отидоа на покана на Данска.
На Светскиот економски форум во Давос, Ривс изјави за Би-Би-Си дека Велика Британија „нема да биде изложена на удари“ и дека ќе дејствува во национален интерес во односите со САД.
Трамп се закани дека ќе додаде десет проценти царини на „сите стоки“ увезени од осум европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, од 1 февруари, ако тие земји се спротивстават на неговата намера да го преземе Гренланд, островот што е автономна данска територија.
Ривс рече дека добила уверување од американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, дека трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, постигнат во мај 2025 година, „ќе остане на сила“.

Македонски




