Skip to main content

Полските тајни служби уапсија осомничени странски агенти

 Полските разузнавачки оперативци уапсија двајца украински и тројца белоруски државјани осомничени за работа за странска агенција, соопшти денеска јавното обвинителство во Варшава.

Како што пренесе ДПА, според досегашните сознанија, петте лица наводно одржувале контакт со претставници на надворешна тајна служба преку апликацијата за пораки Телеграм.

Во нејзино име, тие фотографирале критична инфраструктура и локации релевантни за безбедноста на Полска. Наводно, за нивните услуги биле платени во криптовалути.

Тројца од осомничените биле притворени, додека една малолетна Украинка била сместена во центар за малолетничка деликвенција.

Од петтото лице, со оглед на неговата лоша здравствена состојба, било побарано само да не ја напушта земјата до завршување на истрагата. Доколку бидат осудени, наводните агенти се соочуваат со затворска казна од пет до 30 години.

Полска е важен политички и воен сојузник на Украина, која се бори против руската инвазија речиси четири години.

Владата во Варшава ги обвинува тајните служби на Русија и нејзиниот сојузник Белорусија дека испраќаат многу агенти во земјата и регрутираат саботери.

Во средината на ноември, експлозивен напад на стратешки важна железничка линија предизвика сериозна штета на шините. Машиновозачот навреме ја забележал штетата и никој не беше повреден.

Поврзани вести