Skip to main content

Мерц ќе се сретне со Зеленски в понеделник во Берлин

Фејсбук профил на Володимир Зеленски

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретнат во Берлин в понеделник на разговори за економијата и предлозите за ставање крај на војната во Украина, изјави денеска владиниот портпарол Штефан Корнелиус.

На двајцата лидери во понеделник навечер ќе им се придружат и бројни европски шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и лидерите на ЕУ и НАТО, пренесе ДПА.

Клучно прашање во дискусиите за планот на САД за ставање крај на војната во Украина е пакетот безбедносни гаранции што САД и другите земји би му го понудиле на Киев во случај на мировен договор.

Од ноември, кога беше објавен предлогот на САД со потенцијална рамка за ставање крај на војната, се одржаа неколку рунди разговори меѓу Вашингтон, Киев и европските партнери, при што беа изнесени разни амандмани и контрапредлози.

Критичарите го опишаа првичниот план на САД како „список на желби за Русија“, бидејќи тој подразбираше Украина да се откаже од членството во НАТО и да се повлече од делови од источна Украина.

Украинската страна, поддржана од европските сојузници, работи на сопствени предлози и амандмани со цел да се обезбеди праведен и траен мир кој нема да го загрози суверенитетот на земјата.

Поврзани вести