Skip to main content

Meѓународниот суд на правдата донесе одлука дека правото на штрајк е загарантирано

Правото на штрајк е меѓународно заштитено според клучниот договор за труд, се вели во советодавното правно мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП), соопштија денеска највисоките судии на ОН во Хаг.

Заштитата потпаѓа под Конвенцијата за слобода на здружување од 1948 година на Меѓународната организација на трудот (МОТ), соопшти судот. Ова значи дека вработените имаат право самите да одлучуваат за акции за подобрување на нивните работни услови.

Мислењето на МСП не е обврзувачко, но би можело да има светски последици за правата на вработените. За многу држави, советодавните мислења на МСП ја формираат основата за националното право и тие можат да бидат значајни во судските случаи на глобално ниво, пренесе ДПА.

МОТ го побара ова мислење во услови на контроверзност меѓу претставниците на работодавачите и државите, која со години трае во рамките на организацијата.

Судиите утврдија дека иако правото на штрајк не е експлицитно споменато во конвенцијата од 1948 година, јасно е дека сите видови активности се заштитени со неа, вклучително и прекините на работата.

Синдикатите се надеваа на јасен сигнал од судот на ОН, а со тоа и на зајакнување на правата на вработените. Работодавачите, напротив, тврдеа дека правото на штрајк не е под посебна заштита и наместо тоа треба да се регулира на национално ниво.

За Германија, правото на штрајк е логична последица на слободата на здружување. Во една одлука, германскиот Сојузен работен суд наведе дека барањата на вработените без право на штрајк би се свеле на „колективно просење“.

Сепак, судиите изјавија дека условите и обемот на прекините на работата можат да бидат регулирани на национално ниво.

Поврзани вести