
Илјадници луѓе присуствуваа доцна попладнево во Белград на Спасовденска литија предводена од српскиот патријарх Порфириј и игуменот на манастирот Ватопед, Ефрем, со Појасот на Пресвета Богородица. Молитвена служба беше отслужена во храмот на Свети Сава.
Српскиот патријарх Порфирије во говорот по повод Спасовден, градската слава на Белград во храмот Свети Сава, рече дека денеска главниот град на Србија е молитвено срце и центар на целиот српски народ. Тој истакна дека традиционалната молитвена прошетка во Спасовданската литија претставува жив чекор на верата, надежта и љубовта.

„Сите Срби се собрани денеска тука и сите духовно присутни слават заедно со нас. Улиците на градот Белград, главниот град на сите Срби, не се само патишта по кои минуваме денеска. Тие се патишта по кои заедно одиме кон Бога“.
Како што нагласи српскиот патријарх во својата проповед, нашиот живот треба да биде посветен на Христос и да се темели на вредностите на Евангелието, а единствениот закон што нè одредува треба да биде словото Христово.
Спасовденската литија по повод славата на градот Белград, во која учествуваа голем број граѓани, тргна кратко по 19:00 часот од црквата Вознесение до храмот Свети Сава.
На верниците ќе им бидат поделени 300.000 ленти, кои беа осветени на Појасот на Пресвета Богородица во манастирот Ватопед. Верниците ќе можат да се поклонат и да го бакнат Појасот на Пресвета Богородица во храмот Свети Сава до 29 мај.
Појасот е стар 2.000 години и е како што се верува, единствена драгоценост сочувана од Богородичниот земски живот. Според предание, таа сама го исплела од камилски влакна и се смета за симбол на плодноста, исцелението и духовната заштита. Богородица го носела појасот за време на нејзиниот живот. Пред нејзиното Успение таа му го предала на апостол Тома.
Според СПЦ, доаѓањето на Појасот е „голем благослов“ за верниците бидејќи Појасот на Пресвета Богородица многу ретко се изнесува од манастирот Ватопед.
Последен пат е изнесен во 2011 година кога бил во Русија.
Овогодинешната одлука чесниот крст на литијата да го носи ученик од Математичката гимназија има посебна симболика – младоста, знаењето и се што е вредно се на прво место, велат од СПЦ.
„Нека Пресвета Богородица нè потсети уште еднаш дека не сме сами. Дека Таа е со нас и дека Нејзиниот Син, Нејзиниот Бог и наш Бог, е со нас и дека токму кога сме напуштени од сите, Таа ни дава поддршка. Доволно е само да кажеме едно одвнатре, Пресвета Богородице, помилуј нè, спаси нè, помогни ни, и дека Таа веќе ќе биде со нас. И не само тоа ќе биде, туку и дека ќе знаеме дека тогаш сè е можно за нас, потенцира денеска српскиот патријарх Порфирије во празничната беседа во Црквата на Вознесение Господово во Белград каде е поставен од утрото Појасот.
Појасот бил дониран на манастирот Ватопед од страна на кнез Лазар во 1386 година, а другиот дел од страна на византискиот император Јован Кантакузен, што му дава посебно значење на овој манастир како сеправославен центар.
Според игуменот Ефрем, кој даде денеска интервју за СПЦ и го пренесоа српските медиуми, Појасот е голем благослов бидејќи, како што рече тој, Појасот прави многу чуда каде и да биде однесен.
„А, чудото што тој постојано го прави е лентата што ја имаме и ќе ја имаме и таму, која е осветена на Светиот појас, а со неа особено им се помага на жени кои имаат потешкотии да родат, бездетните парови и добиваат деца… Исто и за болни од рак кои оздравуваат “, рече игуменот на манастирот Ватопед, Ефрем.
Белград го слави Спасовден како своја слава и на тој начин го зачувува споменот на тој ден во 1403 година, кога деспот Стефан Лазаревиќ го прогласил за српска престолнина. Литијата по повод прославата на Спасовден, славата на градот Белград, традиционално поминува низ улиците на Белград уште од 1862 година. зш/јт/
Фото: МИА

Македонски


