Skip to main content

Марта Кос од Давос порача: Не смееме да пуштиме ниту една земја која не е 100 проценти подготвена за влез во Унијата, не само од аспект на економијата

Проширувањето на Европската унија е процес кој се заснова на заслуги, а не на временска рамка, изјави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос во дискусијата „Проширување поради напредок: Дали Европа ќе расте?“ на Светскиот економски форум во Давос.

„Знаете, понекогаш слушам дека земјите од Западен Балкан чекаат толку долго. Не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја и колку можат да исполнат“, посочи Кос.

Според неа, Европската унија внимателно следи што се случува во земјите кандидати за членство, а тие најмногу се обврзани да исполнат одредени услови, според принципот „земи или остави“.

Таа ја истакна важноста на владеењето на правото за земјите кои сакаат да влезат во ЕУ.

– Има некои земји во Европската Унија кои не го почитуваат владеењето на правото и кај многу членки видовме страв дека тоа може да ѝ наштети на ЕУ. Не смееме да пуштиме ниту една земја која не е 100 проценти подготвена за влез во Унијата, не само од аспект на економијата – додаде Кос.

Економската и геополитичката ситуација во светот е променета откако Хрватска влезе во Европската унија во 2013 година, како последна земја што го направи тоа, наведе таа.

– Сега многу поголем акцент се става на вредностите и владеењето на правото, што е рефлектирано во новата методологија за кандидати од 2020 година. Не само што кандидатите мора да бидат подготвени за ЕУ, туку и ЕУ мора да биде подготвена за нив, што е огромна промена од времето кога Словенија влезе во Европската унија во 2004 година – рече Кос.

Со оваа рунда од процесот на проширување или пристапување некако се враќаме на основите, на корените – затоа е основана Европската Унија, додаде таа.

– Основните принципи се мирот, слободата и просперитетот, како и безбедноста, што е многу важно денес – изјави Кос.

Поврзани вести