
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на постојана будност во соочувањето со повторното зајакнување на антисемитизмот во Франција.
Соочени со повторното зајакнување на гнасниот антисемитизам, будноста е обврска во секој момент – изјави Макрон, кој претседаваше со првиот национален Ден на сеќавање на признавањето на невиноста на Алфред Драјфус, еврејски офицер неправедно осуден за велепредавство во атмосфера на длабок антисемитизам на крајот на 19 век, пренесува „Фигаро“.
Настанот е организиран на 120-годишнината од одлуката на Касациониот суд. Капетанот Драјфус, кој бил Евреин, бил осуден на крајот на 19 век за велепредавство во корист на Германија врз основа на измислени докази и бил испратен во казнена колонија во услови на атмосфера на длабок антисемитизам во Франција, пред да биде ослободен од вина по долга борба што ја водеа политичари, писатели и интелектуалци за признавање на неговата невиност, потсетува весникот.
Аферата Драјфус не е поглавје од нашата историја кое е затворено во 1906 година благодарение на Касациониот суд и враќањето на Драјфус во војската“, нагласи Макрон.
Тој истовремено укажа дека сега е време имињата на оние кои ги спасувале Евреите од нацистичкото варварство да бидат поставени на секоја куќа, секоја зграда и место каде што Евреите биле засолнети и згрижени.
Знаеме дека старите демони на антисемитизмот никогаш целосно не исчезнаа од нашата земја – додаде Макрон.
Пред обраќањето на Макрон, внукот на капетанот Драјфус, Шарл, исто така укажа на повторниот пораст на антисемитизмот.
Заменикот-градоначалник на Париз, Емануел Грегоар, на денешниот собир објави дека плоштадот што го носи името на националистичкиот писател Морис Барес – еден од најжестоките критичари на Алфред Драјфус, чии списи зрачеа со антисемитска омраза – отсега ќе го носи името на Луси Драјфус, сопругата на капетанот која неуморно му даваше поддршка во борбата за правда, наведува „Фигаро“.

Македонски



