Skip to main content

Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина

video screenshot

Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, апелирајќи Унијата да ја гради својата технолошка сувереност.

Да бидеме јасни – Европа не сака да биде клиент на големите компании и решенија што ги нудат САД и Кина. Сакаме да ги развиваме нашите сопствени решенија – рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит посветен на технолошката независност на Европа.

Тој нагласи дека Европа „едноставно одбива да биде вазал“, особено затоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, вклучувајќи ја и трката за развој на вештачката интелигенција.

Краткорочно, тоа има своја цена, бидејќи мора повторно да се инвестира – изјави Макрон, додавајќи дека трошоците се неопходни и дека Европејците мора да донесат „многу храбри одлуки“.

Една од тие одлуки, според него, е воведување „европска преференција“, особено во јавните набавки, со цел да им се даде простор на европските технолошки компании да се развиваат.

Кинезите имаат кинеска ексклузивност каде и да е можно, Американците силна американска преференција. Само ние, Европејците, речиси никогаш немаме европска преференција – дури понекогаш сме и премногу фасцинирани од неевропски решенија – рече Макрон.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така порача дека ЕУ мора да ја поедностави регулативата и дека бизнисите треба повеќе да вложуваат во дигитална сувереност.

Сведоци сме на системско ривалство меѓу САД и Кина, две големи сили кои се борат за технолошка доминација. Европа не смее да им го препушти тоа поле – истакна тој.

Макрон ги повика 27-те земји членки да се „ослободат од технолошките зависности на сите нивоа на вредносниот синџир – од критичната дата-инфраструктура до облачните услуги и софтверот“.

Не можете силата на вашата економија да ја сведете на ‘Седумте величествени’, ниту да ѝ го препуштите функционирањето на демократијата на тие седум компании – рече Макрон, мислејќи на американските гиганти Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla.

Тој заклучи дека Европа, која последниве години им даде приоритет на регулативите, мора да се „промени“ и „прво да иновира, а потоа да регулира“.

Поврзани вести