
Лет од Краков до Бристол се претворил во хаос кога еден патник наводно одбил да седне на своето место за време на подготовките за слетување, принудувајќи го авионот да кружи над аеродромот во Бристол во вторник, 11 ноември.
Патниците го снимиле моментот во кој човекот се потсмевал и му покажал среден прст на друг патник, додека кабинскиот персонал постојано го предупредувал да седне. Наместо да се смири, тој продолжил да пцуе и да прави сцена, пренесе британски „Мирор“.
По слетувањето, полицијата веќе го чекала авионот на пистата, но драмата продолжила. Иако полицајците мирно му наредиле да го напушти авионот, човекот одбил. Набрзо избувна физичка пресметка во ходникот, а патниците со неверица гледаа како полицајците го фаќаат и го врзуваат.
„Рајанер“ потврди дека „проблематичниот“ патник на крајот бил отстранет од летот.
Сведок кој го снимал инцидентот тврди дека истиот човек веќе предизвикал проблеми два дена претходно, на лет од Бристол до Краков. Наводно пиел алкохол, постојано пцуел и се однесувал несоодветно кон млада жена, а потоа предизвикал проблеми на гранична контрола во Полска.
Патникот одбил да седне за време на подготовките за слетување На повратниот лет, тој првично изгледал посмирен, па дури и го препознал патникот кој го снимал претходно, но повторно почнал да предизвикува проблеми штом се напил нешто.
Според очевидци, семејствата со мали деца го молеле да се смири, што довело до понатамошни вербални пресметки.
Како што авионот се приближувал кон Бристол, патникот одбил да седне за време на подготовките за слетување, што дополнително го одложило пристигнувањето.
На полицијата ѝ требало повеќе од еден час да го совлада и да го отстрани од авионот, предизвикувајќи одложување на следниот лет.
„Човекот беше гласен поголемиот дел од времето“, рече снимателот кој го сними инцидентот. „Штом ќе се напиеше нешто, почнуваше да прави бељи и проблеми.“
„Рајанер“ соопшти дека нивниот екипаж имал „строга политика на нулта толеранција“ против несоодветно однесување на патниците за да ја осигури безбедноста на сите во авионот, објави „Мирор“.

Македонски








