
Потребна е реформа на начинот на кој функционира Народното собрание (НС), изјави пред новинарите во Пазарџик бугарската претседателка Илијана Јотова, одговарајќи на прашање во врска со подготовката на новиот собраниски деловник.
Кога ќе се тргне кон таква реформа, секогаш има доста сили кои се против и на некој начин сакаат работите да останат по старо – забележа таа – додавајќи дека лично е приврзаник на похрабри акции во тој поглед.
Јотова потенцираше дека со години наназад Народното собрание, како клучен орган во една парламентарна република, има загрижувачки низок процент на доверба и одобрување од јавноста. Според неа, клучно е парламентот да биде место за разговор, дискусии и дебати, но истовремено да служи за контрола и за носење одлуки.
Ако овој деловник го гарантира тоа, а јас во предлозите гледам дека го гарантира, оваа институција, според мое мислење, ќе работи многу подобро – истакна бугарската потпретседателка.
Пратениците од привремената комисија за деловникот за работа на Народното собрание веќе неколку дена расправаат за измените во начинот на кој ќе функционира бугарскиот парламент, а нивното последно заседание се одржа вчера.(МИА)

Македонски


