Skip to main content

Безвременската оперска класика „Травијата“ на 27 мај во рамките на 54. Мајски оперски вечери

Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 27 мај со почеток во 20.00 часот, во рамките на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува длабоко човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Унгарија, Гергељ Кесељак, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе (Грузија), во улогата на Алфред Жермон – Алесандро Фантони (Италија), Жорж Жермон – Бадрал Чулунбатар (Монголија), а во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Операта „Травијата“ е едно од најзначајните и најизведуваните дела во светската оперска литература, напишана од Џузепе Верди во 1853 година и за првпат изведена истата година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот, операта и денес се смета за едно од клучните дела на репертоарот, кое со својата силна драмска линија и емоционална длабочина останува актуелно на сцените ширум светот и кај нас.

Поврзани вести