
Од денеска почнува гласањето по пошта за косовските граѓани во странство, кои претходно се регистрираа за предвремените парламентарни избори закажани за 7 јуни.
Овој процес на гласање ќе трае до 6 јуни. Истиот ден – еден ден пред одржувањето на изборите во Косово – граѓаните од дијаспората, кои не се пријавиле за гласање по пошта, ќе може да го остварат своето право на глас и во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата.
Според локалните медиуми, во странство за гласање по пошта се регистрирале речиси 105 илјади косовски државјани, а ваквиот начин на изјаснување ќе биде овозможен во вкупно 22 земји.
Предвремените избори на 7 јуни ќе бидат трети по ред парламентарни избори во Косово во рок од една и пол година. Земјата се наоѓа во длабока политичка криза од февруари 2025 година, која беше проследена со долготрајна блокада при изборот на претседател на парламентот и неуспешен обид за формирање влада.
На предвремените избори во декември 2025 година, Движењето „Самоопределување“ на премиерот Аљбин Курти го обезбеди потребното мнозинство за влада, но неговите предлози за избор на претседател на државата не ја добија потребната поддршка во Собранието, што доведе до негово распуштање и распишување нови избори.(МИА)

Македонски


