Skip to main content

Филипче: Се повлекуваме од комисиската расправа за задолжување на земјата за огромни суми, ќе поднесеме крвична пријава и интерпелација за Гаши

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција најави дека се повлекуваат од расправата на Комисијата за финансирање и буџет, која го разгледува предлог-законот за задолжување на земјата со заем од меѓународни финансиски институции во износ до 260 милиони евра, наменет за буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање обврски.

Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми. Секојдневно гледаме како Владата ја турка земјата во должничко ропство. Последниот предлог да се земат 300 милиони евра од банки, кои на Владата не ѝ ги дозволија, укажува веќе на сомнеж во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од речиси 4,5 проценти – рече Филипче.

Тој додаде дека „вкупната сума на пари кшто оваа Влада ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува приближно 200 милиони евра”.

Според него, опасно се зголемува вкупниот долг. „За две милијарди евра за само две години е зголемено задолжувањето на земјата, пари што ќе ги враќаат следните генерации. Вкупниот долг, кој беше 8,5 милијарди евра во 2024 година, сега е речиси 11 милијарди евра. Се поставува прашањето, има ли оваа власт компас? Има ли идеја? Има ли визија на каде и како ја води државата? Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми стотици милиони евра, милијарди евра пари што не одат никаде, освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки – нагласи Филипче.

Притоа тој најави крвична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, со образложение дека го крши Деловникот.

Тој закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет, комисија што ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска, и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа комисија. Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието, Африм, најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација – рече Филипче.

На новинарско прашање тој одговори дека сите земји во регионот ниту имаат ист капацитет ниту исто сработуваат.

Ако ние имаме простор да заработиме над 200 милиони евра да добиеме од Европската Унија, а сме добиле само 60, воопшто не е битно дали некоја друга земја има повеќе или помалку од нас. Ете тоа е суштината. Во 2024 година завршени се само 50-ина отсто од реформите. Во првата половина на 2025 година 25 отсто од реформите, во втората половина, заклучно со декември 2025, само 16 отсто од реформите. Наместо 134 милиони евра плус 60 од незавршени обврски од 2024 сега ние да ги добиеме, ние добиваме само 65 – рече Филипче.

Тој смета дека сега, кога Европската Унија ги прави следните буџети, кои се прават за седумгодишни периоди, „можно е воопшто да не влеземе во новото буџетирање на Европската Унија, што е дефинитивен знак дека тие веќе на нас не сметаат“.

Ќе го пропуштиме и последниот воз – истакна Филипче.(МИА)

Поврзани вести