
Кога бугарската поп-ѕвезда Дара беше избрана да ја претставува Бугарија на Евровизија 2026, реакциите дома беа далеку од едногласна поддршка. Денес, само неколку дена по историската победа со „Bangaranga“, истата таа Дара е славена како национален херој и првиот бугарски победник во историјата на натпреварот.
Бугарија ја освои 70-тата Евровизија во Виена со убедливи 516 поени, триумфирајќи и кај жирито и кај публиката – редок подвиг што дополнително ја засили еуфоријата околу нејзиниот успех.
Но патот до европскиот триумф не бил воопшто лесен.
Уште по изборот за бугарски претставник, дел од јавноста реагираше жестоко. На социјалните мрежи се појавија обвинувања дека националниот избор бил „наместен“, дека Дара имала поддршка од телевизијата и музичката индустрија, а дел од критиките беа насочени и кон нејзиниот музички стил.
За некои таа беше премногу комерцијална, премногу „меѓународна“ и недоволно автентична за да ја претставува државата. Други едноставно не сакаа повторно да гледаат големо домашно име на сцена – феномен добро познат и на Балканот, каде честопати постои замор од веќе етаблирани ѕвезди.
Негативната атмосфера отишла толку далеку што самата Дара јавно признала дека размислувала да се повлече од Евровизија. Во интервјуа за бугарски медиуми зборувала дека навредите и нападите на интернет сериозно ја погодиле психички.
Парадоксално, додека дома се воделе расправии, Европа реагирала многу поинаку.
Евровизиските фанови и странските медиуми ја препознаа како модерна, сценски силна и „international-ready“ поп-ѕвезда, со настап што лесно комуницира надвор од националните рамки. Токму таа комбинација на енергија, продукција и сценска сигурност на крај ја донесе и историската победа за Бугарија.
А потоа – пресврт.
По финалето во Виена, атмосферата во Бугарија драматично се смени. Илјадници фанови ја пречекаа во Софија, медиумите почнаа да пишуваат за неа како за симбол на национална гордост, а политичкиот врв јавно ѝ честиташе за првиот евровизиски трофеј во историјата на земјата.
Приказната за Дара така доби речиси класичен балкански заплет: прво сомнежи, критики и дистанца, а потоа – кога Европа го даде својот суд – целосна прегратка.
Од „не ја сакаме“ до „нашата Дара ја освои Европа“.

Македонски

