Skip to main content

Новиот Закон за игри на среќа е поддршка на македонската кинематографија, велат од Агенцијата за филм

Агенцијата за филм ја поздравува одлуката на Владата на Македонија, донесена на седницата одржана на 12 мај, со која е усвоен Предлог-законот за игри на среќа и за забавните игри, кој понатаму ќе биде проследен во собраниска процедура.

До 2015 година дел од надоместоците со кои се финансираше Агенцијата за филм вклучуваа и процент од приходите од игрите на среќа. Оваа одредба беше укината со Одлука на Уставниот суд во 2016 година, кога беа укинати член 12 став 1 алинеи 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност, што предизвика значително намалување на буџетот на Агенцијата и сериозно влијаеше врз можностите за континуирано финансирање и развој на филмската дејност.

Во 2025 година, Агенцијата за филм поднесе предлог-измени во рамки на новиот Предлог-закон за игри на среќа и за забавните игри, со барање овие надоместоци повторно да бидат вратени во законското решение. Со предложените законски измени се предвидува Агенцијата за филм да добива 3% од уплатените давачки од игрите на среќа, без ограничување на висината на средствата на годишно ниво, што претставува значаен исчекор за стабилизација и развој на филмскиот сектор.

Овие средства ќе овозможат поголема финансиска одржливост и функционалност на Агенцијата, зголемена поддршка за домашната филмска продукција, развој на нови креативни содржини, како и отворање можности за поддршка на телевизиски серии, дебитантски проекти и млади автори. Дополнително, се предвидува поддршка за развој на проекти и сценарија, развој на кино мрежата, издаваштво од областа на филмот, како и создавање филмски содржини за деца. Ваквото решение ќе придонесе за зајакнување на македонската аудиовизуелна индустрија, нејзина поголема меѓународна конкурентност и поттикнување на културниот и економскиот развој преку филмот.

Поврзани вести