Skip to main content

Пациентот мора да има право на избор, велат од Здружението „Здрава иднина“ по најавата дека ќе се формира комисијата за кардиоваскуларни операции

Како кардиоваскуларни пациенти и директно засегнати од квалитетот, достапноста и навременоста на кардиоваскуларните услуги во државата, јавно предупредуваме дека последните најави за формирање комисија или стручно тело кое ќе одредува кој, каде и кога ќе се оперира, претставуваат сериозен чекор назад во заштитата на правата на пациентите, велат од Здружението за превенција од кардиоваскуларни заболувања „Здрава иднина“ во соопштението испратено до медиумите.


Според нив, ваквиот пристап е спротивен на духот и одредбите на Европската повелба за правата на пациентите, особено на правото на пристап, правото на информираност, правото на согласност, правото на слободен избор, правото на почитување на времето на пациентот, правото на квалитетна и сигурна здравствена услуга и правото на персонализиран третман. Овие права не смеат да бидат ограничени со административни одлуки донесени зад затворени врати.

Контролата, стручниот надзор и транспарентноста се потребни и мора да постојат. Но тие не смеат да се претворат во комисија која ќе ја преземе одлуката од пациентот, семејството и лекарот што го води третманот. Решението за евентуални злоупотреби не е нова бариера пред болниот човек, туку јасни критериуми, одговорност, ревизија на конкретни случаи и почитување на стручните стандарди.
Најавата за формирање комисија која ќе одредува кому му е потребна операција, а кому не, каде ќе се оперира и кога ќе дојде на ред, е опасна по здравјето и елементарните права на пациентите. Во кардиоваскуларната медицина времето често значи живот. Секое непотребно чекање, секое дополнително одобрување и секоја административна пречка може да има непоправливи последици.
Нашето искуство покажува дека ваков модел не е решение. Слична комисија постоеше пред дваесетина години и беше извор на субјективни, нетранспарентни и коруптивни одлуки од личен интерес. Наместо да го заштити пациентот, таа го ставаше неговото здравје под ризик. Многу пациенти не ја дочекаа потребната согласност за операција, а одложувањето честопати имаше фатален исход, велат од Здружението.


Тие сметаат дека ваква комисија нема да функционира, затоа што: ќе создаде дополнителна административна бариера во ситуации кога е потребна брза медицинска одлука; ќе го ограничи правото на пациентот да избере лекар, клиника и установа во која има доверба; ќе ја намали одговорноста на конкретниот лекарски тим и ќе ја префрли одлуката на тело кое не ја носи директната клиничка одговорност; ќе отвори простор за субјективни, политички, институционални или лични влијанија врз одлуките; ќе ги казни и успешните установи кои со години покажуваат резултати, наместо системот да ги користи нивните капацитети за доброто на пациентите; ќе ја врати практиката на чекање, неизвесност и молење за потпис, наместо системот да обезбеди навремена, квалитетна и достапна услуга.

Наместо формирање комисија која ќе одлучува за животот на пациентот, бараме Министерството за здравство да воспостави транспарентен систем на стручна контрола, јавно достапни критериуми, отчетност за секој конкретен пропуст и механизми што ќе го заштитат пациентот без да му го одземат правото на избор. Во име на кардиоваскуларните пациенти, апелираме да не се носат решенија кои ќе го вратат здравството дваесет години назад. Комисија која ќе одлучува кој, каде и кога ќе се оперира не е гаранција за квалитет, туку ризик за одложување, неправда и загрозување на човечки животи.
За животот на пациентот не смее да одлучува бирократска комисија. Одлуката мора да се темели на медицината, стручноста, довербата, информираната согласност и правото на слободен избор, додаваат од „Здрава иднина“.

Поврзани вести