
„Као какао“ е првиот оригинален македонски мјузикл, кој ги спојува безвременските композиции на Влатко Стефановски и „Леб и сол“ во режија на Дејан Пројковски, а со премиера во МНТ.
Текстот на Венко Андоновски прикажува љубовна мелодрама, балансирајќи меѓу емоции и хумор, сместена во 70-тите години на минатиот век.
Проектот се реализира како копродукција меѓу „Баги комуникации“ и МНТ, а премиерата е закажана за 2 и 3 јуни.
Деновиве се навршува една година откако почнавме со подготовки за „Као какао“. Станува збор за сериозен, голем и обемен проект, учествуваат голем број на луѓе. Создадовме тим кој е спој на младост и ентузијазам и од друга страва врвни професионалци. Некои од нив најдобрите луѓе што театарот и музиката во Македонија ги имаат. Сето ова резултура со мошне успешна работа. На пробите кои два месеци се одржуваат во МНТ гледаме секојдневно една неверојатна енергија и желба за работа која ретко се гледа на вакви и слични големи проекти, рече продуцентот Владимир Мандичевски.
Тој посочи дека една од идеите кога почнале со работа била мјузиклот да излезе од границите на Македонија.
Мислам дека ова што досега е сработено ми дава за право да сметам дека тоа ќе се оствари. Станува збор за исклучителен извозен културен продукт. Музиката на Влатко Стефановски важи насекаде на Балканот и не само на Балканот. Во моментов сме во сериозни преговори со букери и агенции и институци да го претставиме „Као какао“ надвор, истакна Мандичевски, заблагодарувајќи му се на Влатко Стефановски за довербата што им го дал своето животно дело да се прави мјузикл, што не е лесна одлука.

Зад овој аудио-визуелен спектакл стои докажана и моќна авторска екипа: Влатко Стефановски (со безвременскиот опус на „Леб и сол“ и неговата соло кариера), Венко Андоновски, Дејан Пројковски, Бобан Мирковски, Олга Панго, Валентин Светозарев, Марија Пупучевска.
Сите знаеме дека во Македонија потенцијалите и талентите се многу поголеми отколку што е реализацијата и би било добро да се случи реализација која парира на тој огромен број таленти кои ги имаме. Се исклучувам себе си, мислам на младата генерација актери, пејачи, аранжери, образовани луѓе-многу талентирани, а притоа со голема страст и воља за живот. Најважно од се, и да нема музика, самата приказна како драмски текст и талентот на Дејан Пројковски ќе помине фантастично. Тоа што и мојата музика е вклучена ми прави особена чест затоа што така се продолжува животот на таа музика и тие песни пишувани во изминативе педесеттина години. Јас сум многу возбуден околу растењето на овој проект и се надевам дека на премиерата и на сите репризи тој ќе носи само радост. Навистина очекувам спектакуларна премиера, рече Влатко Стефановски на денешната прес конференција.
Во мјузиклот се вклучени 19 култни композиции на Стефановски и „Леб и сол“, кои за оваа пригода добиваат целосно нови, модерни аранжмани. Музиката не е само придружба на сцените, туку таа директно ја движи драматургијата, ги отвора внатрешните светови на ликовите и ја носи целата емоција на претставата.
Текстот на Венко Андоновски е љубовна мелодрама со комични елементи, чие дејство е сместено во седумдесеттите години на минатиот век. Главните ликови се Дона и Џими (ги толкуваат младите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ), кои се обидуваат да ги остварат своите амбиции, да останат доследни на себе и да ја сочуваат љубовта.

Покрај главните протагонисти, на сцената на МНТ ќе застане огромна актерска и танцова екипа, меѓу кои и познатите имиња Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски, Тања Кочовска и многу други млади уметници.
Изминатите четири месеци имавме еден многу возбудлив, креативен процес со цел да ја изградиме структурата на мјузиклот „Као какао“. Она што е важно за него е дека во него ја создадовме душата на старо Скопје за кое постојано се зборува. Мислам дека сите заедно ја создадовме таа магија-а тоа се луѓето. Тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верба ја има во мјузиклот. „Као какао“ носи една важна порака дека нашата одлука и верба одлучува дали Скопје е крајот или почетокот на светот. Дека не е доволно човек да сонува, туку мора да се бори, да верува, за да ги оствари своите соништа, рече Дејан Пројковски, режисер на мјузиклот.
Продукцијата најавува врвно сценско доживување кое ги задоволува највисоките светски стандарди за овој жанр.

Македонски

