Skip to main content

Индија испраќа тим од 80 спасувачи во Мјанмар

Фото: PrintskrinX

Индија испраќа тим од 80 спасувачи од Националните сили за одговор при катастрофи за да му помогнат на Мјанмар, кој вчера беше тешко погоден од земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, јавија индиските медиуми.

Командир од Националните сили за одговор при катастрофи изјави дека се очекува вечер спасувачите да пристигнат во Мјанмар.

Силниот земјотрес со епицентар на околу 17 километри од градот Мандалеј предизвика штета и во соседен Тајланд. Природната катастрофа уништи згради, мостови и друга инфраструктура. Според последните податоци, бројот на жртвите во Мјанмар сега е над 1.000.

Индија и друг пат испраќала спасувачи во земји погодени од силни земјотреси. Во 2015 година таа испрати претставници на Националните сили за одговор при катастрофи во Непал, кој беше погоден од земјотрес со јачина од 7,8 степени. Во 2023 година, индиски спасувачки тим се приклучи на операциите за пребарување и спасување по разорниот земјотрес што ја потресе централна Турција.

Њу Делхи вчера испрати околу 15 тони хуманитарна помош за жителите на најнаселениот град во Мјанмар, Јангон. Помошта беше доставена со воено транспортно летало на индиските воздухопловни сили.

Индискиот премиер Нарендра Моди изрази загриженост поради разорниот земјотрес и изјави дека Индија е подготвена да им понуди секаква можна помош на Мјанмар и Тајланд.

Индија и Мјанмар имаат заедничка граница долга 1.643 километри.

Поврзани вести