Американскиот милијардер и близок соработник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп – Илон Маск денеска изјави дека Најџел Фараж треба да го напушти лидерското место во британската десничарска Реформска партија на Обединетото Кралство.
„Партијата има потреба од нов лидер. Фараж го нема она што е потребно“ напиша Маск на платформата „Икс“.
Минатиот месец Маск изгледаше како поддржувач на Фараж, дури и објави заедничка фотографија со него. Медиумите, исто така објавија дека Маск наводно планира да даде голема донација за оваа партија, со цел значително да им помогне на претстојните избори. Но, оваа поддршка е повлечена откако Фараж вчера се огради од коментарите на Маск за поддршка на британскиот антимуслимански активист Стивен Јаксли-Ленон, попознат по неговото уметничко име Томи Робинсон, кој отслужува затворска казна.
„Па, тоа е изненадување“, одговори Фараж денеска на објавата на Маск. „Илон е извонреден човек, но се плашам дека не се согласувам со него во однос на ова. Останувам на ставот дека Томи Робинсон греши за Реформската партија. И никогаш не ги продавам моите принципи“.
Маск минатиот месец ја поддржа антимигрантската и антимуслиманската крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија за претстојните избори во Бундестагот.