Skip to main content

Еве што Трамп изјавува за некои судии во САД: „Корумпиран“, „лев лудак“, „корумпирани судии на длабоката држава“, „расипан судија“, „непријателски судии…“!

Facebook / Donald J. Trump

Во текот на 2024–2025 година, изјавите на Доналд Трамп за судиите и правосудниот систем станаа едно од обележјата на неговите јавни настапи. Еве како Трамп разговара, односно се обраќа кон некои судии, што за нас е посебно интересно ако се има предвид како нашите судии со два отсто доверба се сензитивни кога некој ќе ја коментира нивната работа (на пример, премиерот Мицкоски) па заедно со обвинителите пишуваат соопштенија или уставните судии на кои им сметаат насловите за Добрила Кацарска извадени токму од нивното соопштение).

Инаку, според истражувањето на Галуп, во 2024 г. 38 отсто од Американците имале доверба во нивниот правосуден систем (за разлика од 2 отсто кај нас), а дури 58 отсто сметале дека нивните кривични судии не се доволно остри кон сторителите на кривични дела.

Еве само мал дел од изјавите на Трамп за одредени судии:

„Нема никакво кривично дело. Имам расипан судија. Тој е целосно конфликтен судија.“

Трамп го коментира судијата Хуан Мерчан додека зборувал на митинг во Висконсин, за прекршување на правилото судиите да не зборуваат за судски случаи и учесници. (1 мај 2024 година)

„На судијата треба да му се одземе лиценцата! … Корумпиран судски систем.“

Доналд Трамп јавно бара да му се одземе правната лиценца (да „биде дисквалификуван“) на судијата Хуан Мерчан, нарекувајќи го „корумпиран“ системот. (4 јануари 2025-та)

„Корумпирани демократски судии и обвинители делуваат против политички противник, против претседателот, против мене, на ниво на неправда што никогаш не е видено претходно.“

Тој го претставува својот судски случај како политичка машинерија, тврдејќи дека „демократски корумпирани судии и обвинители“ се насочиле кон него лично. (4 јануари 2025 година)

„Можеби ќе треба да погледнеме кон судиите, затоа што мислам дека тоа е многу сериозно прекорачување.“

Ова го кажал додека разговарал со Илон Маск за судиите кои го блокираат неговиот план за намалување на буџетските трошоци. (12 февруари 2025 година)

„Ќе ги исфрлиме злонамерните актери и корумпираните сили од нашата влада … корумпираната група хакери и радикали … толку корумпирани … толку злонамерни.“

Овој дел е од говорот на Трамп во Министерството за правда. Тој ја опишува правосудната (и правна) структура, како длабоко корумпирана и вели дека треба „искоренување“ на оние „слободни актери“ во правните институции. (15 март оваа година)

Претседателот Трамп во говорот во Министерството за правда повика и на одговорност одредени групи на новинари, обвинители и судии и најави можни казнени мерки (вклучително и затвор) за оние што нападнале негови соработници. (15 март 2025 година)

„Тоа е лажно, измислено обвинение од корумпиран судија кој само ја извршува работата на „министерството за неправда“ на Бајден и Харис.“

Трамп го критикува судот што го осуди за случајот „тајни уплати“ и адвокатите на судијата Мерчан, тврдејќи дека станува збор за „политички прогон“. (15 март о.г.)

„Овој е радикален, лев лудак од судија, проблематичен и агитатор … Овој судија, како и многумина од корумпираните судии пред кои сум принуден да се појавувам, треба да биде отповикан!“

Станува збор за судијата Џејмс Бозберг, кој издал наредба за запирање на депортации на наводни венецуелски членови на банди под „Alien Enemies Act“. (18 март 2025-та)

А после една седмица ќе изјави: „Јас само го правам она што гласачите сакаа да го направам“.

„Судиите ја узурпираат претседателската власт.“

По низа судски одлуки кои го ограничиле спроведувањето на извршни мерки (март 2025-та), Белата куќа и Трамп обвинија судии дека ја презеле моќта која и припаѓа на претседателот т.е. извршната власт.

Во текот на март оваа година, претседателот Трамп во повеќе наврати се осврнуваше на учесниците во американскиот правосуден систем, барајќи импичмент за некои судии: „Ќе мора да отповикаме неколку од овие радикални судии“, „ова се криминални актери внатре во нашата влада“, таргетираше федерални судии во имиграциски случаи „овие судии ја саботираат националната безбедност“, обвинуваше дека некои судии се дел од „длабоката држава“ нарекувајќи ги „корумпирани судии на длабоката држава“.

Во април и мај пак, велеше дека „неизбрани судии го блокираат тоа за што гласаа Американците“ односно, дека „мора да го исчистиме корумпираниот правосуден систем“ и дека во Америка има „непријателски судии… кои работат против земјата“.

Поврзани вести