Skip to main content

Елисејската палата ја поздрави подготвеноста на Путин за разговор со Макрон

Елисејската палата денеска ја поздрави пораката од Русија дека претседателот Владимир Путин е подготвен за разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и соопшти дека „во наредните денови“ ќе ги претстави можните модалитети на разговорот.

„Добредојдена е согласноста на Кремљ за овој чекор. Во наредните денови ќе ја изнесеме најдобрата форма за спроведување на ова во пракса“, се наведува во соопштението на Претседателството на Франција, пренесува телевизијата BFM.

Сепак, Јелисејската палата нагласува дека секој разговор со Москва ќе се одвива „со целосна транспарентност“ кон претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и кон Европјаните, а целта ќе остане постигнување „цврст и траен мир“ за Украинците.

„Инвазијата на Украина и тврдоглавоста на претседателот Путин ставија крај на каква било можност за дијалог во изминатите три години. Сега, како што се нагласува перспективата за примирје и мировни преговори, повторно станува корисно да се разговара со Путин“, се наведува во соопштението на Јелисејската палата.

Рано денес, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека претседателот на Русија Владимир Путин е подготвен за дијалог со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Макрон изрази подготвеност да разговара со Путин. Важно е да се потсетиме на тоа што претседателот рече за време на директната линија. Тој исто така изрази подготвеност за дијалог со Макрон. Ако постои обострана политичка волја, тоа може да се оцени само позитивно“, рече Песков за РИА Новости.

Тој додаде дека евентуалниот дијалог помеѓу Путин и Макрон треба да биде обид за разбирање на ставовите од двете страни, а не „предавање“.

Макрон претходно изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да стапат во дијалог со Путин, во контекст на актуелните напори предводени од САД за завршување на војната во Украина, пишува весникот „Фигаро“.

„Мислам дека повторно ќе биде корисно да се разговара со Владимир Путин“, рече Макрон за новинарите по самитот во Брисел, на кој Европската унија постигна договор за издвојување 90 милијарди евра за поддршка на Киев.

Макрон истакна дека забележува дека некои лидери веќе комуницираат со рускиот претседател, посебно алудирајќи на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно воспостави контакт со Путин по враќањето на власт во јануари.

„Мислам дека ние, Европјаните и Украинците, имаме интерес да најдеме рамка за правилно повторно вклучување во оваа дискусија. Во спротивно, ќе разговараме меѓусебно со преговарачи кои потоа ќе одат и ќе разговараат насамо со Русите, што не е идеално“, рече Макрон.

Францускиот и рускиот претседател последен пат разговараа на почетокот на јули, главно за дипломатските напори поврзани со иранскиот нуклеарен програм, кога повторно беа изразени разликите во ставовите за Украина.

Пред тоа, нивниот претходен разговор се одржа на 11 септември 2022 година и се однесуваше на безбедноста на нуклеарната електрана Запорожје во Украина, која ја окупираа руските сили.

Макрон и Путин се сретнаа првпат по стапувањето на функцијата на Макрон на 29 мај 2017 година во Версајскиот дворец.

Поврзани вести